7 трендови од модната недела во Њујорк кои мора да ги испробате оваа есен
Модната недела секогаш оди чекор напред и претставува трендови кои ќе бидат наскоро актуелни, но добрата вест е тоа што можете да ги носите уште денес, пред сите останати. Обидете се добро да ги вклопите во вашиот стил и секојдневните модни комбинации. Во продолжение погледнете за кои клучни парчиња облека станува збор и кои бои и материјали беа претставени на модната недела. Еве што можете да „украдете“ веднаш!
1. Големо и широко сако
Љубовта кон сакото ќе трае засекогаш, бидејќи тоа е парче облека кое е вечно и задолжително, особено во оние стилски работни модни комбинации. Оваа сезона ќе го засакаме сакото кое е некој број поголемо, бидејќи тоа ќе прилега многу подобро со вашите нежни, женствени карактеристики.
2. Бели чизми
Дали забележавте дека белите чизми веќе неколку сезони наназад доминираат со еднаков жар на модните писти и уличните модни изданија? Доколку добро ги разгледаме работите, изгледа дека сѐ уште нема да се разделиме од овие убавици. Слободно вклучете ги во вашите темни зимски комбинации и создадете впечатлива појава.
3. Нешто црвено
Веќе некое време наназад имавме информација од прва рака дека црвената боја ќе биде вистински хит за есен 2017. Токму затоа, набавете што било во која било нијанса на црвена и станете модна икона, барем на еден ден.
4. Мини чанти
Помина времето кога девојките се натпреваруваа која ќе има поголема чанта. Затоа, дајте му шанса на новиот тренд и мини чантите кои ќе направат да изгледате неповторливо и модерно. Покрај тоа, изберете впечатлив модел што може да ја „води“ целата модна комбинација.
5. Стилски џемпери
Имате нешто да му порачате на светот? Направете го тоа на оригинален начин – по пат на џемперот! Џемперите и другите парчиња облека со кул натписи ќе бидат задолжително во деновите кои се пред нас!
6. Пастелни тонови
Кој вели дека сезоната есен/зима не е за пастелни бои? Па, кога надвор е тмурно, не сакаме и нашата модна комбинација да изгледа така, се согласувате? Затоа, водени според правилата од модната недела, вклучете убави нежни бои како што е сината или жолтата боја во вашата секојдневна модна комбинација.
7. Сомот
На крај, заборавете на сите лоши искуства со сомотните панталони од детството, бидејќи овој материјал повторно се враќа на големата врата! И понатаму се држиме до панталоните и тоа во некои кул бои, но слободно испробајте го сомотот и на некој друг начин.
Доколку немате инспирација, погледнете ги овие супер стилски идеи за вашите есенски модни комбинации.