7-те најчести фактори што можат да предизвикаат неплодност
Доколку сте донеле одлука да станете родител, но обидувањето трае подолго од планираното, нормално е да се наоѓате сред емоционална бура. Вознемирувачката комбинација од гнев, фрустрација и разочарување потекнува од чувството на ранливост и неможноста да ја контролирате ситуацијата.
Научени сме дека ако доволно се трудиме, можеме да постигнеме што било. Но, ова не важи и за бременоста. Иако постојат многубројни причини поради кои жената не може да остане бремена, секоја од нив има своја приказна и различна ситуација. Некои од причините можат да бидат медицински, а некои еколошки, но добрите вести се што во поголемиот дел од случаите, проблемот може да се реши. Доколку се обидувате да останете бремени повеќе од една година но безуспешно, причините можат да бидат некои од следниве.
1. Ендометриоза
Менструалните грчеви сами по себе нема да влијаат на плодноста. Меѓутоа интензивните грчеви можат да бидат знак за ендометриоза, која пак може да предизвика неплодност. Најчестиот симптом на ова нарушување кое настанува кога ткивото на матката расте и ги зафаќа околните органи, е болната менструација. Другите симптоми се хронична болка во карлицата и неудобност за време на секс. Од 10% од жените кои страдаат од ова нарушување, речиси половина имаат проблеми и со плодноста.
2. Ановулација
Ановулацијата или отсуството на овулација исто така предизвикува неплодност. Постојат неколку причини за појавата на ановулација, вклучувајќи ги синдромот на полицистични јајници, дебелина, оштетување на ендокрините жлезди и претерано вежбање. Откривањето на причината за ановулацијата е клучно за нејзино третирање.
3. Миом на матката
Миомите на матката, познати и како бенигни тумори, можат да предизвикаат неплодност. Миомите во внатрешноста на матката можат да му пречат на процесот на зачнување. Овој проблем може да се реши со хируршка процедура позната како хистероскопија.
4. Оштетување на јајцеводите
И јајцеводите можат да бидат одговорни за вашата неплодност. Нивното оштетување, делумно или целосно блокирање, како и лузните на нив можат да бидат предизвикани од разни нешта. Некои од нив се сексуално преносливите болести, особено кламидијата.
5. Вашиот партнер
Не треба да го занемарите и вашиот партнер. Мажите се виновни за неплодноста во 30% до 40% од случаите. Пред да подлегнете на каков било третман за плодност, потребно е да се прегледа и вашиот партнер.
6. Чад од цигари
Покрај медицинските состојби, постојат многубројни фактори од опкружувањето што ја намалуваат плодноста. Чадот од цигарите е ваш главен непријател кога сакате да останете бремени бидејќи не само што ја намалува плодноста, туку може да предизвика и компликации во текот на бременоста.
7. Стрес
Уште еден многу важен фактор од опкружувањето е стресот. Иако неговото мало количество ви овозможува да функционирате сосема нормално, хроничниот стрес може да предизвика хормонални промени кои влијаат на речиси целиот организам. Во некои случаи стресот може да предизвика прекинување на овулацијата, со што се менува менструалниот циклус, или целосно престанува.
Погледнете и кои се 8-те работи за неплодноста за коишто никој не зборува.