7-те апсурдни и смешни фази низ кои поминуваме после раскинување

7-те апсурдни и смешни фази низ кои поминуваме после раскинување

Моментите кога раскинуваме никогаш не се пријатни. Во периодот кој следува до нас постојано има нешто благо, веројатно неколку шишиња вино (за секој случај) и неизбежниот дел од „пакетот за раскинување“ – шамичиња. Но, откако ќе помине оваа фаза сфаќаме дека времето било залудно потрошено на глупости. А еве и некои од глупостите што сите ги правиме после раскинување.

0-7-te-apsurdni-i-smesni-fazi-niz-koi-pominuvame-posle-raskinuvanje-kafepauza.mk

1. Се заклучуваме дома на барем 2-3 дена

После раскинувањето, имаме тенденција да се однесуваме како некој да ќе се обиде да нѐ убие ако излеземе од собата. Веќе вториот ден, успеваме да се извлечкаме надвор од собата, колку да побараме храна за утеха, но сепак не излегуваме надвор. Вообичаен причинител на нашата хибернација се ваквите мисли: „Што ако го сретнам? Што ако тркнам до продавница и го начекам, а тој ме види во вакво ужасно издание? Не. Не. Си седам дома.“ Третиот ден сѐ уште сме скарани со тушот, но со мака одлучуваме дека е време да се соочиме со светот и да се вратиме меѓу живите.

2. Шопинг

Девојки, мора да признаете дека ова сите го правиме. Иако не секогаш станува збор за облека и обувки, секогаш мораме да купиме нешто ново за да се чувствуваме подобро. Тоа можат да бидат книги, ново парче мебел или нешто друго. И најважно, во тие моменти не гледаме колку трошиме. Бидејќи нели, сметката не може да боли колку скршеното срце.

3. Гледаме некој ептен депресивен филм и сфаќаме дека животот не е како во филмовите

И одново и одново и одново истото. Цела Милка чоколада, Орео или сладолед (во зависност од годишното време), пижами и гледање на најдепресивните романтични филмови што можат да се најдат на планетата. Вообичаено бараме филмови со некое длабоко значење и во следните два часа се претвораме во фонтана.

2-7-te-apsurdni-i-smesni-fazi-niz-koi-pominuvame-posle-raskinuvanje-kafepauza.mk

4. Го демнеме на Фејсбук

Во оваа фаза, веќе имаме доволно сила и храброст за да видиме што прави тој и подготвени сме да се соочиме со реалноста. Ваквата фаза вклучува: длабоко истражување на секој статус, слика и секако – секоја девојка што ја додал. Откако и нив ќе ги истражиме, спремни сме да преминеме на следната глупост.

5. Правиме „жешко“ селфи

Кога веќе ги откривме неговите нови пријателки толку сме лути и сакаме да покажеме дека ни е супер без него што одлучуваме да направиме селфи на кое изгледаме целосно неприродно, само за да покажеме дека сме се ослободиле од болката и дека егото ама воопшто не ни е скршено. Затоа одлучуваме да се сликаме правејќи го најубавото, најхумористичното селфи, и тоа без ниеден филтер, и да го споделиме на апсолутно сите социјални мрежи. Ако го објавиме само на Фејсбук, можеби нема да го види. А тоа е целата поента нели? Тој да види дека можеме без него.

6. Ги мачиме пријателите со нашите стари спомени

Се сеќавате на вицот „И тој пиеше водааа“? Епа не е виц, реалност е. Тоа е првиот дел. Сеќавање на слатките мигови поминати заедно и на секојпат кога ве насмеал и сите ваши пријатели ги терате да се сетат на тоа. После тоа, преминуваме на второто ниво – омраза. Тука веќе почнуваме да зборуваме за неговите маани и започнува озборувањето. А кажуваме дури и работи што не ги мислиме и не се вистинити. А нашите кутри пријатели сето тоа мораат да го слушаат.

7. Му пишуваме порака и целиот процес почнува одново

Откако ќе поминат сите 6 фази одиме на седмата и целосно го занемаруваме „процесот на преболување“. Кој би рекол дека една порака може да го уништи целото достоинство? Откако ќе му пишеме, работите стануваат многу полоши – се согласуваме да се сретнеме. А тој изгледа многу понеодоливо, шармантно и сите останати позитивни придавки од македонскиот јазик, и така повторно се враќаме на првата фаза. На крај сфаќаме дека сме подобри од тоа и дека тој не нѐ заслужува. И после секој ваков крај викаме: „Никогаш повеќе нема вака да реагирам“, а пак некако после секое раскинување го правиме истото.

3-7-te-apsurdni-i-smesni-fazi-niz-koi-pominuvame-posle-raskinuvanje-kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар