7 работи што не треба да ги правите на Фејсбук ако сакате да ви се допаѓа вашиот живот
Сигурно ви се случило некогаш вашата пријателка да објави фотографија на Фејсбук на која вие воопшто не си се допаѓате како изгледате. Веднаш кревате револуција и почнувате да ја напаѓате другарката како да направила смртен грев. Зошто толку се вознемируваме за една обична фотографија на Фејсбук? Ние како човечки суштества и онака сме премногу самокритични, а Фејсбук каде што животите на луѓето се целосно изложени пред очите на јавноста воопшто не ни ја олеснува работата. Постојано го споредуваме нашиот изглед со изгледот на другите што резултира со намалена самодоверба и незадоволство од сопствениот живот. Затоа, мора да внимавате колку дозволувате една обична социјална мрежа да влијае на вас. Тоа може да го направите со тоа што ќе избегнувате одредени навики. Следуваат „7-те смртни гревови“ коишто никако не смеете да ги направите на Фејсбук доколку сакате да се чувствувате убаво во своја кожа.
1. Немојте да се споредувате
Фејсбук е совршеното место што укажува прилика да изгубите часови во правење споредби помеѓу вашиот и животот на другите, па дури и помеѓу вашиот изглед порано и сега благодарение на старите фотографии. Оваа навика ќе ве направи несигурни во себе и евентуално ќе ве доведе до самосожалување. Користете го Фејсбук за да се мотивирате со тоа што ќе направите на почетна страна да ви излегуваат луѓе со позитивни мисли и пораки, кои ќе ве инспирираат и ќе ве поттикнат да напредувате.
2. Не поминувајте со часови на Фејсбук
Фејсбук е виртуелен простор кој овозможува да остварите контакт со многу луѓе, но не е замена за вистинскиот живот и искуства. Ја нема моќта да ја нахрани вашата душа на истиот начин како човечкиот допир и интеракцијата во живо. Наместо да потрошите часови гледајќи ги туѓите животи на Фејсбук, излезете и живејте го сопствениот живот. Издвојте време за семејството и пријателите и правете нешто што ќе ве расположи.
3. Немојте да се сожалувате себеси
Фејсбук е секојдневно преплавен од фотографии кои се преработени за да изгледаат онака како што изгледаат. Немојте да почнете да изигрувате жртва и да си велите „За жалење сум. Тој и тој има тоа и тоа, јас немам и затоа мојот живот е за никаде.“ Наместо да зјапате во туѓите објави и да се чувствувате како тотален неуспех затоа што вашиот живот е полош, насочете го умот во поинаков правец. Фокусирајте се на убавите нешта и богатства што вие ги имате. Пробајте да водите дневник на благодарноста каде што секој ден ќе запишувате по 5 работи поврзани со вашиот живот, тело и здравје за кои сте благодарни. На тој начин ќе почнете да ги цените работите што ги имате и ќе ја согледате убавината на сопствениот живот.
4. Не бидете дел од целата драма
Детските и незрели расправии никому не помагаат, особено не ако се одвиваат преку Фејсбук. Ако имате некој проблем со некого наместо да напишете реферат преку пораки, јавете му се и кажете му да се видите. Доколку не ве засега вас проблемот, зошто воопшто да се мешате? Само затоа што ќе видите нешто што ќе ве разлути на Фејсбук, не мора да значи дека треба уште толку да ја храните таа негативна енергија. Останете достоинствени, не одговарајте, не паѓајте на провокации и лутината истурете ја надвор или во салата за вежбање.
5. Немојте да јадете додека седите на Фејсбук
Исто како што не се препорачува да се јаде пред телевизор, и грицкањето додека сте на Фејсбук е многу лоша навика. Ова јадење е бесмислено и нема да ви ги симне тие неколку килограми што ги качивте зимава.
6. Не го користете Фејсбук како изговор
За да можете вистински да бидете тоа што сте, треба да се сакате себеси во вистинскиот живот. Немојте да се криете зад мониторот и да водите живот комплетно различен од вашиот. Прифатете се себеси и не плашете се да живеете во реалниот свет. Верувајте дека е многу поубав од виртуелниот!
7. Немојте да глумите
Пробајте да одолеете на искушението да бидете нешто што не сте на Фејсбук. Останете доследни на себе и опкружете се со луѓе кои го прават истото. Немојте да користите Фотошоп, објавувајте слики каде што изгледате природно. Колку повеќе се држите до вашето вистинско „јас“, толку поудобно ќе се чувствувате во својата кожа. На тој начин ќе почнете целосно да се прифаќате и сакате себеси. Не кријте ја вашата вистинска убавина. Кога ќе научите дека вашите недостатоци ве издвојуваат од останатите и ве прават совршени, ќе сфатите дека сте прекрасни. А тоа никој не може да го имитира или фотошопира.
Додека сега во моментов седите на Фејсбук, пред да му дозволите да управува со вашите мисли и да создава слика за вашиот живот која не ви се допаѓа, запрашајте се: Дали овој виртуелен свет е веродостојно мерило за вредноста на вашиот живот?