7 работи што ќе ви се случат доколку веднаш не ја соблечете облеката со која сте вежбале
Облеката за вежбање ви е толку удобна, што дури не сакате да ја тргнете од себе, па така, по вежбањето го поминувате целиот ден со неа… Ви звучи познато? Ако вашиот одговор е потврден, тогаш треба да знаете дека со ова вие ѝ станувате најголеми непријатели на вашата кожа. Секогаш кога вежбате, го зголемувате производството на маснотии, па затоа треба веднаш потоа да го измиете телото и лицето, затоа што ако не го направите тоа, можете да се соочите со некои од овие непријатни и непосакувани работи.
1. Цистични акни на телото
Дерматологот Денди Енглмен објаснува дека акните се предизвикани од затнување на порите со маснотии, мртви клетки на кожата и други непријатни материи. Потењето не само што не ги исчистува порите, туку тоа привлекува и повеќе прашина и нечистотии, а тие се задржуваат на телото кога тоа е влажно, па како резултат на сето ова се јавуваат акни.
2. Конјунктивитис
Бактериите не се задржуваат само на областите каде што најмногу потите.
„Ако некогаш сте излегле од теретана со црвено око или пак наредниот ден сте се разбудиле со потечени очи и сте се прашувале од што настанало тоа, возможно е теретаната и вашата облека да му пренеле бактерии на вашето око“, вели доктор Енглмен.
3. Бактериски инфекции
Доктор Енглмен предупредува дека доколку не ја отстраните од себе влажната и топла облека, вие им давате можност на бактериите да се шират и да се развиваат врз вашето тело. Не само што можете да се заразите со нови бактерии преку допирањето на теговите, трчањето и шкафовите во теретаната, туку доколку не ја соблечете вашата облека вие ќе им овозможите повеќе да растат, при што се зголемува ризикот од инфекции кои може да бидат особено опасни ако имате отворени рани.
4. Габични инфекции
Исто како и бактериските, така и габичните инфекции лесно може да бидат предизвикани доколку не го заштитите своето тело и престојувате во влажна облека. Затоа, треба или што побргу да се истуширате или пак барем да го избришете вашето тело со влажна крпа.
5. Долготраен мирис
Според дерматолозите, областите кои многу се испотени, како што се вашите пазуви, се главна основа за развивање бактерии на кожата и во фоликулите на влакната. Мирисот се пренесува на вашата испотена облека, па ако останете во вашата тесна и влажна облека, тој ќе ви остане преку целиот ден, дури и ако таа се исуши.
6. Миризливи патики
Не заборавајте да ги промените и вашите чорапи и чевли, затоа што во спротивно ќе се соочите со непријатно изненадување. Имајќи предвид дека бактериите и габите сакаат да живеат во топли и влажни средини, тие ќе преживеат во вашите патики и ќе им дадат непријатен мирис, дури и да не сте ги носеле неколку дена. Ако мирисот сепак не исчезнува и откако ќе ги промените вашите патики веднаш по вежбањето, тогаш препорачливо е да користите антибактериски и антигабичен спреј.
7. Воспалени фоликули на влакната
Вашата облека за вежбање може да биде виновна за предизвикување воспаление и иритација на фоликулите на влакната, па кога нема навремено да ја соблечете испотената облека која е покриена со бактерии, ќе можете да забележите акни на вашиот грб, рамената и задникот.