7 работи кои треба да ги научите додека сте помлади
Многу пати ни се случило да слушнеме како некој возрасен вели „Ех, да бев помлад…“. Животот е постојано учење и постојана промена. Некои работи се учат преку искуствата, но постојат и некои многу важни навики и размислувања, кои доколку ги прифатите и согледате во младоста, ќе ви го отворат патот низ животот и ќе ви го олеснат патувањето и соочувањето со сите предизвици. Ние ви нудиме седум важни животни лекции коишто ќе ви ја сменат перцепцијата и со нивна помош полесно ќе се справите со емоциите и најразличните секојдневни ситуации.
1. Бидете присутни тука и сега
Многу време минуваме мислејќи на минатото или планирајќи ја иднината, при што забораваме да уживаме во моментот и да ја искусиме сегашноста. Среќата може да постои само во сегашниот момент, она чувство на среќа во минатото преминало во сеќавање, а среќата во иднината уште не е дојдена. Застанете за момент и погледнете околу себе, слушнете, допрете, вкусете. Живејте тука и сега. Насмејте се, облечете ги најубавите алишта, јавете им се на саканите… Има толку многу работи кои можете да ги направите токму во овој момент. Штом еднаш го пробиете мразот и научите да се соживувате со сегашниот момент, животот ќе ви добие сосема друга, многу покреативна и попозитивна димензија.
2. Не живејте според правилата „Би требало – Не би требало“
Семејствата и општеството во текот на животот ни поставуваат одредени рамки и нè учат што би требало, а што не би требало да правиме во нашиот живот. Тие некои пишани и непишани прави ги унифицираат луѓето и влијаат врз развојот на индивидуалноста. На сите нас во главата ни се вртат зборчињата „Треба“ и „Не треба“. Но, мора да сфатиме дека и покрај сите тие правила треба да најдеме начин да ја постигнеме среќата. Понекогаш е многу тешко личноста да се избори со општествените норми, но живеењето според свои правила ја носи најчистата среќа со себе. Обидете се да ги отстраните пречките и бариерите кои си ги поставувате поради очекувањата на другите луѓе. Живејте си го животот според ваши правила и почувствувајте ја вистинската слобода и среќа. Секој си одговара за своите одлуки.
3. Не ги преувеличувајте работите
Нашиот ум понекогаш може да работи против нас, поради начинот на којшто размислуваме и стравовите кои ги акумулираме. Ние луѓето обично ги предимензионираме работите. Проблемите со кои се соочуваме најчесто ни изгледаат многу поголеми отколку што тие навистина се. Таквиот проблем лежи во погрешната перцепција на предизвиците на кои наидуваме. Колку пати сте се исплашиле дека некој проблем е огромен и нерешлив, а по еден ден, седмица или месец, повеќе не ви ни текнува на таа случка или тој предизвик? Тоа се случува затоа што мозокот се фокусира единствено на едно прашање и му дава толкаво значење, претворајќи ги и најмалите пречки во огромни проблеми. Следниот пат кога ќе ви се случи такво нешто само застанете и прашајте се: „Навистина, дали ќе размислувам за овој проблем и утре, следната недела, следната година?“. Доколку веднаш одговорот е „Не“, едноставно елиминарјте ги лошите мисли од вашата глава и продолжете напред.
4. Соочувајте се почесто со вашите стравови
Сите луѓе имаат стравови – некои од нив се оправдани, а некои немаат основа за постоење. Без разлика дали стравовите ви се вистински или не, треба почесто да се соочувате со нив. Запомнете дека повеќето од стравовите се производ на вашиот ум, тие всушност не постојат. Кога ќе го сфатите ова, ќе ви биде многу полесно да се справите и да ги отстраните мислите кои ве застрашуваат и прават да се чувствувате непријатно во сопствената кожа. Чувството на моќ над вашите стравови е всушност најголемата награда за вашиот труд и работа на личната слобода и ментално здравје. Ќе научите како да се спротивставите на црните мисли и да ги замените со позитивни и креативни идеи за вашиот живот и вашата иднина.
5. Полека, но сигурно целете кон победата
Младите луѓе вообичаено си поставуваат високи цели, кои сакаат да ги постигнат за многу кратко време. Многу често, момчињата и девојките се откажуваат од своите сништа, само затоа што не ги оствариле веднаш. Модерниот свет е брз и во него сè повеќе нешта се сведуваат на еден клик. Се поставуваат одредени норми, според кои, доколку промената не се случи додека да „трепнеме со очите“, тогаш треба да се откажеме од идејата и од сништата и да бараме нови. Но, секој успешен човек ќе потврди дека зад големиот успех, се кријат многу мали чекори и долгогодишна работа. Треба да станеме свесни дека на патот до успехот, успехот е всушност релативна работа. Успехот се крие во учењето, во искуствата, во грешките, во животните лекции. На крајот се поставува прашањето „Што е тоа успех?“. За да си го олесните реализирањето на вашите идеи, поставувајте си мали, но значајни цели. Тие ќе го поплочат патот и на крајот ќе се состави големата слика.
6. Престанете да се грижите што мислат другите за вас
Младите луѓе многу често се оптоваруваат со тоа што мислат другите за нив. Врз основа на тоа ги носат своите одлуки, кои многу често, подоцна во животот, се покажуваат како погрешни. Ослободете се од грижата за тоа што останатите мислат за вас. Сфатете дека секој човек си има свои грижи, стравови и несигурности, така што можеби луѓето и не мислат толку многу на вас колку што вие си претпоставувате. Не грижете се повеќе што околината мисли за вас. Фокусирајте се на вашиот живот, со тоа можеби ќе ги поттикнете и останатите да го направат истото.
7. Бидете благодарни за сè во животот
Една од најважните работи кои треба да ги научите додека сте млади е да бидете благодарни за сите нешта што ви ги овозможува животот. Луѓето во текот на созревањето сфаќаат дека најважни работи кои може да ги поседува еден човек е добро здравје, роднините, пријателите, искуствата, лекциите од кои се создале неколку брчки на лицето. Благодарноста е клучот за среќата. Колку побрзо научите да ги почитувате нештата кои се навистина вредни, ќе воспоставите поквалитетна врска со себеси. На тој начин ќе почнете да уживате во сегашноста и пореално да ја проектирате својата иднина.