7 работи кои ја разубавуваат жената повеќе од шминката
Во денешно време, повеќе од кога било жената со причина верува дека убавината се крие во несесерот со шминка. Тука се маркетинг кампањите кои промовираат надворешна убавина и неверојатни трансформации од типот пред и потоа. Сепак, овие работи ја истакнуваат убавината на една жена повеќе од сите мејкап производи.
1. Нејзината страст
Жената која посветува време на своите пасии и се однесува кон животот како да е непроценливо скап подарок во кој треба да се ужива е убава жена. Таа шири позитива и ги заразува и другите со својата посветеност и одговорност. Бидете жена која ги следи своите страсти во животот, која ја вложува целата своја страст не само во врските туку на секое животно поле. Животот е премногу краток за да се мине во досада и пасивност.
2. Нејзиното сочувство
Голем дел од жените имаат сосем погрешно сфаќање дека покажувањето чувства ги прави слаби и ранливи и дека во „машкиот свет“ во кој живеат емоционалноста може да биде смртоносна. Човек со ладно срце, без разлика дали маж или жена, е човек кој не е сакан бидејќи за да бидеш сакан треба несебично да даруваш љубов. Жената може да биде успешна без принудно да ги сокрива и потиснува своите чувства. Жената која сочувствува со другите, која е хумана и знае да пружи рака за помош е убава жена, а нејзината убавина се крие зад тоа што таа едноставно знае да биде вистински човек и никогаш не заборава дека секој има лоши периоди во животот и дека во многу наврати и неа ѝ било потребно потчукнување по рамото и утеха.
3. Тоа што е паметна
Постои еден многу популарен мит – жената која е убава не е паметна и обратно. Ова е и останува само мит. Убава е жената која има знаење и секогаш е желна да научи нешто ново, жената која го разбира светот во кој живее и има широки видици. Жената која знае да зборува на која било тема, која умее да каже паметни нешта и да води исполнет разговор зрачи со убавина и сексапил. Глупавиот мит ќе биде уништен тогаш кога луѓето ќе сфатат дека секси е да се биде паметен.
4. Тоа што е отворена за авантура
Секако, одговорноста е убава особина и нема ништо лошо во исполнувањето на дневната рутина. Но, жената е убава кога понекогаш знае да ја прекрши таа рутина, да излезе од градот и да направи нешто лудо, да се ослободи себеси, да пее под туш, да го изведе своето дете на прошетка дури и тогаш кога има работа преку глава. Спонтаноста и чувството за авантура ја прават секоја жена вистински убава.
5. Нејзината отпорност на потешкотиите во животот
Нема нешто поубаво од борбена жена која одбива да се предаде. Не сфаќајте погрешно, ова не е феминистички поглед, туку вистината за животот. Не зборуваме за жени кои сакаат да цимолат за да биде по нивно за некои баналности – каде ќе се вечера и кој филм ќе се гледа. Зборуваме за жени на кои животот им сервира по некои потешкотии, но тие успешно ги пребродуваат. Овие убави жени се пример за многумина. Тоа е онаа жена која откако животот ќе ѝ зададе удар ќе ја видите како исправена на нозе го тресе правот од себе и продолжува понатаму.
6. Нејзината самодоверба
Самодовербата е секси. Можеби е клише но е вистина. Тенка е линијата меѓу фалењето и самодовербата. Фалењето значи дека сакате другите да го забележат начинот на кој одите, зборувате, размислувате, се облекувате. Самодовербата е кога една жена не се срами да го покаже начинот на кој оди, зборува, размислува или се облекува. Жената која е горда на тоа што е и зрачи со самодоверба, не за да си го нахрани егото туку за да се чувствува удобно во своја кожа, е многу убава.
7. Енергијата која ја шири
Ова на некој начин е сумирање на сè од горенаведеното. Жената која ја следи својата страст во животот и неизмерно вложува страст во сè што работи, која сочувствува и е паметна, отворена за авантура, борбена и верува во себе и во она што е, е вистинска убавица. Не плашете се да му покажете на светот кои сте. Ширете позитивна енергија, негувајте љубов и сочувство кон целото човештво, согледајте ја убавата страна на нештата и бидете убави. Не на минлив и плиток начин, туку вистински убави.