7 причини поради кои ве болат градите
Болката во градите е непријатно чувство со кое можат да се сретнат многу жени, особено во периодот на ПМС. Но, освен хормоналните промени кои му претходат на месечниот циклус, постојат и други причини поради кои вашите гради можат да ве болат. Погледнете ги најчестите 7, вклучувајќи ги и начините на кои можете да си помогнете.
1. ПМС
Најчестата причина за болка во градите се хормоналните промени за време на ПМС-от. Тие се најсилни неколку дена пред циклусот, како и на првиот ден. Отекувањето и чувствителноста на градите настанува под влијание на промените во нивото на естрогенот, а болката целосно исчезнува со крајот на циклусот. Контрацепционите апчиња можат да ви помогнат со оваа болка, бидејќи тие ја спречуваат овулацијата и ги одржуваат нивоата на естрогенот стабилни.
2. Претерана физичка активност
Можеби сте направиле повеќе склекови од вообичаено или пак, сте почнале да вежбате со потешки тегови. По завршувањето на вежбањето, вие можеби ќе чувствувате болка во градите, но таа всушност доаѓа од мускулите кои се сместени веднаш под ткивата на градите. Нивното притискање и опуштање може да биде причина за чувствителност. Топлите облози можат да ви помогнат со намалување на болката.
3. Истегнати мускули
Ако сте поместувале мебел или сте носеле тешки кеси, тогаш има големи шанси дека болката е настаната од истегнување на пекторалниот мускул кој се наоѓа веднаш под вашите гради. И во овој случај топлите облоги можат да ви помогнат.
4. Несоодветен градник
Кога носите претесен градник или пак, премал, жиците под корпите можат да ги притискаат вашите гради притоа предизвикувајќи непријатна болка во нив. Исто така ако градникот не ви ги поддржува добро градите, нивното постојано движење во текот на денот може да ги направи исклучително чувствителни.
5. Несоодветен спортски градник
За време на вежбањето, вашите гради мора да имаат добра потпора со цел да не „потскокнуваат“ на секое движење, резултирајќи со растегнување на ткивото во градите. Особено ако имате големи гради. Една неодамнешна студија покажала дека секоја трета маратонка чувства болка во своите гради, па токму затоа е многу важно да имате добар спортски градник.
6. Јазли во ткивото на градите
Ако ткивото на вашите гради е со јазли, тогаш големи се шансите дека сте добро запознаени со чувствителноста која се јавува за време на месечниот циклус. Нееднаквото градно ткиво создава бенигни цисти исполнети со течност кои се чувствителни на хормонални промени.
7. Претерано консумирање кафе
Неколку истражувања покажале дека избегнувањето на кофеинот може да ги намали болките во градите, особено кај оние жени кои имаат јазли во ткивото на градите.