7 причини поради кои луѓето се плашат од љубов
Нè повредиле, нè изневериле или оставиле – сите сме поминале низ барем една лоша врска или непријатно искуство поради кое сега ни е страв да си дозволиме повторно да сакаме. Можеби мислиме дека не заслужуваме или, пак толку сме уплашени дека повторно ќе нè остават повредени и скршени, што не веруваме дека по втор пат ќе бидеме способни да ги собираме парченцата од нашето срце. Постојат милион причини зошто би се плашеле повторно да сакаме, а нема човек кој не се нашол себеси барем еднаш во животот во таа ситуација, вртејќи ги сите можни заплети и изговори во глава. Најчестите причини поради кои се оградуваме себеси од љубовта се следниве 7.
1. Љубовта нè прави ранливи
Кога човек е заљубен, може да направи многу непромислени работи. Дали бидејќи не е свесен или можеби од преголема доверба во саканата личност, се случува да направиме работи поради кои подоцна ни е криво, а кои не постои начин да ги исправиме. Љубовта нè прави меки кога станува збор за партнерот. Му веруваме и мислиме дека би направил сѐ за нас. А тоа не остава изложени и ранливи.
2. Новата љубов може да разгори стари пламени
Ретко сме свесни за тоа како минатото влијаело на нас, поточно минатите врски и личностите со кои сме биле, што повлекува дека многу несвесно навлегуваме во нова врска. Може да сме приморани да се соочиме со работи кои долго сме ги избегнувале, а тоа е раскрсница од која патиштата водат само во една насока. Соочувајќи се со минати болки и страдања, тие или ќе ја зацврстат врската која сега ја градите или ќе ги уништат сите шанси таа некогаш да опстане.
3. Љубовта предизвикува на секое ниво
Сите ние имаме сопствени стравови и комплекси кои на еден или друг начин влијаат на сите врски во нашиот живот, особено на онаа со саканиот/ата. Може да сме убедени дека не е можно да нè сака некој или дека не вредиме доволно за некој навистина да биде со нас од љубов. Си градиме ѕид пред нас кој не дозволуваме ниту една личност да го премине бидејќи тоа значи дека повторно ќе се преиспитуваме себеси. Вешто и брзо ќе ги пронајдеме нашите маани, па дури и кога станува збор за нешто убаво што ни се случува, нашиот злобен внатрешен глас е и те како способен да го уништи тоа.
4. Големата радост носи голема болка
Велат дека ако не те боли, тогаш љубовта не е вистинска. Кога навистина сакаш некого, дури и за најмалата ситница се лутиме и буниме, а тоа е таа една единствена причина дека кога станува збор за некој кој навистина ни значи, дури и најбезвредните нешта стануваат многу вредни. Некои луѓе не сакаат да ризикуваат да бидат повредени, па се тргаат себеси на страна и избегнуваат каква било конекција со некого бидејќи така е многу полесно.
5. Љубовта не е еднаква од двете страни
Секогаш едниот сака барем малку повеќе од другиот, секогаш едниот дава малку повеќе од другиот и секогаш тој еден е повеќе повреден кога нема да излезат работите на арно. Така што. Ако знаеме дека сме ние тие што се грижиме повеќе, свесни за крајниот резултат и искусни од претходните врски, ја прекинуваме врската пред да стане нешто повеќе со цел да не останеме повредени. Или, пак, ако сме онаа другата личност, не сакајќи да повредиме некого, раскинуваме уште пред да си дадеме шанса да видиме како ќе се одвиваат работите.
6. Врската може да ја прекине конекцијата со семејството
Стабилна и сериозна врска подразбира созревање и осамостојување во секоја смисла на зборот. Не значи дека врската со семејството ќе се прекине, но значи дека повеќе не треба да сме зависни од нашите родители и дека сами ќе си водиме грижа за себе. Врската значи поминување многу помалку време со семејството и точка во која мора да се откачиме од нив и да почнеме свој живот, а не секој е подготвен на таков чекор.
7. Љубовта ги обелоденува нашите стравови
Колку повеќе имаме, толку повеќе имаме да изгубиме. Колку повеќе некој ни значи, толку повеќе сме уплашени дека таа личност веќе ќе ја нема. Сакале или не, љубовта нè тера да си поставиме прашања од типот Што ако… и Како понатаму доколку…, не тера да се замислиме за нас и животот кој го водиме, а тоа знае да биде застрашувачки. Во тие моменти не ретко се случува да се караме и препираме со партнерот наместо да градиме врска со многу љубов. Толку сме уплашени дека ќе ја изгубиме саканата личност, што го правиме токму тоа – ја губиме.
Поврзувањето со некоја личност е неверојатно тешка работа. Изгледа како да е наједноставното нешто на светот, но да се биде со некого со кого сме навистина поврзани е сѐ само не едноставно. Но и покрај сите стравови и причини поради кои би ја избегнувале среќата која ни чука на врата, вреди да се обидете да ги направите нештата подобри. Велат дека љубовта е слепа, но нели би сакале барем за момент да искусите како е со затворени очи да почувствувате нешто неверојатно како што е љубовта?