7 навидум банални прашања, но кои имаат моќ да ви го променат животот кон подобро
Британската авторка Сузи Мур, открила што е она што ѝ го подобрило нејзиниот живот. Таа ја открива магичната моќ на поставувањето прашања, па иако некои се посериозни од другите, сепак, вреди внимателно да го прочитате секое од нив. Ако не се плашите да преземате акција, тогаш сѐ е возможно. Погледнете ги овие 7 навидум банални прашања, но кои имаат голема моќ да ви го променат животот кон подобро.
1. „Го сакаш ли мојот телефонски број?“
Авторката Сузи Мур му го поставила ова прашање на нејзиниот сегашен сопруг. Откако го запознала и ѝ се допаднал, пред да си замине, таа го прашала: „Зошто да не го запишеш мојот телефонски број?“ Тој го направил тоа, па наредниот ден ја побарал и во моментов сè уште се заедно.
2. „Може ли да разговараме за мојата плата?“
Во своето работно искуство, Сузи сфатила колку може да биде долготрајна и скапа замената на некој работник, па и самата ја сфатила својата вредност. Од тогаш, таа почнала да преговара за својата плата на секое ново работно место и секогаш кога ѝ се зголемувала одговорноста или пак кога постигнувала голем успех. Како резултат на тоа, таа никогаш не се жалела за своите финансиски примања, па заработувала исто како (ако не и повеќе) нејзините машки колеги. Запаметете: Ако не прашате, одговорот секогаш ќе биде негативен!
3. „Може ли да ве почестам кафе?“
Сузи вели дека во нејзината потрага по работа, таа барала контакти и настојувала со нив да се сретне лично. Неколку месеци подоцна, таа имала две добри понуди за работа и ја прифатила најдобро платената позиција. Затоа, никогаш не потценувајте ја моќта на состанувањето лице в лице. Тоа е двонасочен однос, а кога би можеле, секогаш вметнувајте и нови луѓе.
4. „Може ли да ве замолам за услуга?“
Многумина се среќни кога им помагаат на другите, но никогаш за возврат не бараат помош. Не скратувајте им го на другите задоволството да ви помогнат! Барајте помош за различни работи и создавајте контакти со други луѓе. Луѓето обично се среќни кога може да ви помогнат и сето тоа ќе ви го олесни животот. Потребно е да имате храброст и да се осмелите да побарате помош, но вреди да научите да го правите ова.
5. „Може ли да работам за вас?“
Од своето искуство, Сузи вели дека кога сакала да пишува за омилениот веб-сајт, таа стапила во контакт со уредникот и им предложила некои свои идеи. Нејзината теорија се заснова на тоа дека ако често им се обраќате на оние кои донесуваат одлуки и им пристапувате со смели и креативни идеи, на крајот ќе ги добиете посакуваните резултати.
6. „Може ли да добијам попуст?“
Ова прашање може да ви помогне да го спречите губењето на голем износ пари. Пред да купите одредено нешто, едноставно побарајте дали е возможно да добиете попуст. Обидете се барем еднаш!
7. „Што е она што јас навистина го сакам?“
Ова е можеби најважното прашање на кое честопати треба да се навраќате. Кога последен пат сте се запрашале што е она што навистина го сакате? Можеби поминал подолг период, а можеби и никогаш не сте си го поставиле ова прашање. Затоа, одвојте малку време, затворете ги очите, вдишете длабоко неколку минути додека не се почувствувате смирени, насочете го вниманието кон себе и прашајте се што е она што го сакате најмногу на светот. Запаметете дека не треба да ги исполнувате очекувањата на другите, туку посветете се себеси и понекогаш дозволете ѝ на вашата интуиција да ве води, затоа што таа ретко кога греши.