7 начини да престанете да стравувате какво мислење имаат другите за вас
Желбата да ги задоволите потребите на луѓето околу вас и притоа да ги направите среќни не е воопшто погрешна. Кога луѓето кои ги сакаме и ни значат се среќни, тогаш и ние сме среќни поради тоа. А уште кога ние имаме удел во нивната среќа, е тогаш задоволството е најголемо. Но што ако дојде момент кога нашата среќа и спокој ги занемаруваме за сметка на другите? Што ако во процесот на задоволување на туѓите потреби, си ги загрозиме нашите? И што ако притоа го донесеме нашето здравје во прашање?
Одобрување од луѓето околу нас е нешто што сите го бараме, без разлика дали е тоа свесно или потсвесно. Сакаме луѓето да нè сакаат, да бидат во наше друштво, да ја ценат нашата грижа и работите кои ги правиме за нив. Доза почит и ценење е секому добредојдена. Така се чувствуваме добро и прифатено.
Но, доколку се најдете во ситуација да сте во постојано очекување и потрага по одобрување од останатите, тогаш вие сте веќе зависни од нивното мислење. Се доведувате во ситуација да правите сѐ што е потребно за да почувствувате нечие благодарам, а веќе и сте го изгубиле осетот за забележување колку навистина другите го ценат тоа што го правите. И за жал, на крајот на денот сте незадоволни со себе, без достоинство, самодоверба и самопочит, несреќни обидувајќи се да ги направите останатите среќни. И сето тоа бидејќи сте во постојано стравување дека другите луѓе немаат добро мислење за вас, страв кој следниве неколку совети ќе ви помогнат да го искорените.
1. Обидете се да се чувствувате пријатно не знаејќи што другите луѓе мислат за вас
Доколку се наоѓате во ситуацијата која е погоре опишана, тогаш сигурно постојано се прашувате какво мислење луѓето имаат за вас. Постојано ги прашувате или директно нив или некој друг, а најчесто ниту еден одговор не е доволно добар. За промена, наместо да се оптоварувате со туѓото мислење, обидете се да најдете начин да се чувствувате убаво не знаејќи што тие мислат.
Луѓето имаат тенденција да ги карактеризираат другите луѓе на свој начин, така што поверојатно е дека мислењето кое тие го имаат се должи повеќе на нивната перцепција на нештата отколку навистина на вас како личност. Повторувајте си секој ден дека сте личност со свој живот и потреби, дека правите грешки како и сите други, но сè додека притоа не повредувате никого, не е важно какво мислење имаат другите за вас до тој степен за вие да си наштетувате себеси.
2. Знајте дека повеќето луѓе многу малку или дури воопшто не ни размислуваат за вас
Често можеби се оптоварувате со нечие мислење кое воопшто не е важно. Не мора сите да ве сакаат и не мора сите да сакаат да бидат во ваша околина, не е ни можно сите да ви бидат пријатели. И ова мора да го прифатите. Најверојатно многу од луѓето со чие мислење толку многу се оптоварувате дури и не ни мислат на вас. Илузијата дека некој постојано зборува за вас и ве критикува е поради стравот и несигурноста кои ги чувствувате. Не заборавајте дека критиката знае да биде добра, но немојте да се оптоварувате со мислењето на луѓе кои дури и не се важен дел од вашиот живот.
3. Прифатете дека туѓото мислење не е ваш проблем
Секој има право на свое мислење. Но тоа во ниту еден случај не мора да значи дека мислењето е базирано на вистинската слика за вас. Луѓето ќе формираат мислење за вас дури и ако ве знаат само неколку минути, така што навистина не би требало да го прифаќате како релевантно, а уште помалку да го земате за референтно. Како што останатите формираат мислење за вас, така и вие сигурно формирате мислење за нив. Нивната претстава за вас како личност не е воопшто ваш проблем, како што ни вашата за нив не е нивни.
4. Секогаш запрашајте се дали навистина нивното мислење е важно
Како што веќе стои погоре, секој има право на свое мислење и своја перспектива на работите. Но не сечие мислење е важно токму за вас. Дали навистина сметате дека мислењето на личност која сте ја виделе можеби два пати во животот треба да влијае на вас толку многу? Секако дека не би требало.
Важно е мислењето на луѓето кои ви значат и на кои им претставувате некој и нешто во животот. Тие се оние кои ве познаваат најмногу и кои се тука без разлика на сѐ. Па, согласно со ова, секогаш кога ќе дозволите нечии зборови да ве погодат, запрашајте се дали тие зборови навистина воопшто нешто треба ви значат.
5. Согледајте ги позитивните работи во тоа да бидете единствени
Општеството знае да ги осудува оние нешта кои се различни и кои се одвојуваат од стандардизираните непишани правила. Луѓето се плашат од она што не го знаат и не знаат како да го прифатат, што е случај и со луѓето кои се осмелуваат да бидат различни, свои и уникатни. Но во тоа е убавината на нештата, да бидат единствени од својот вид.
Така е и со вас. Не дозволувајте туѓиот страв и туѓите осуди да направат да се чувствувате лошо или дека нешто не е во ред со вас. Сѐ додека вашето однесување не влијае негативно врз некого, вие имате право на него. Не би требало да се менувате и прилагодувате на никого за да го направите среќен, притоа правејќи вие да се чувствувате мизерно.
6. Бидете целосно свесни што сакате и како сакате да се чувствувате
Не е реткост да не знаете како се чувствувате и тоа е сосема во ред. Всушност многу почесто се случува да знаете точно како не сакате да се чувствувате, па токму поради тоа се оптоварувате себеси правејќи сѐ што е во ваша моќ да не дојдете во ситуација во која сепак би се чувствувале така. Резултатот е дека се концентрирате на нешто што баш и не можете да го контролирате и притоа губите време на работи кои немаат смисла.
Зошто за промена не би се обиделе да пронајдете што сакате и како би сакале да се чувствувате, па да започнете да се однесувате во согласност со вашите цели? Сигурно не сакате да се чувствувате депресивно и осамено, како никој да не ве прифаќа, нели? Сакате да бидете сакани и исполнети и задоволни со самите себе. Тоа можете да го постигнете само така што ќе се прифатите кои сте и што сте, што сакате и со кого го сакате тоа, кои се вашите цели и амбиции. Ова единствено следува кога ќе се ставите себеси на прво место и вашето мислење за вас, а не туѓото.
7. Зборувајте и живејте ја вашата вистина
Излезете од својата комфорна зона. Престанете да го преиспитувате секој ваш збор и секое ваше дело. Зборувајте го за промена она што навистина го мислите и чувствувате, наместо некои излитени зборови кои се точно пресметани за да не повредат или навредат некого. Само тогаш ќе може да согледате дека токму зборовите кои навистина ги мислите го имаат она влијание кое сакате да го постигнете кај некого.
Ќе согледате дека зборовите кои внимателно сте ги одбирале звучат многу површно и го постигнуваат токму спротивниот ефект од тој што го имате на ум. Притоа ќе видите дека луѓето не толку лесно се навредуваат или нервираат како што мислите. А дури и ако се налутат, тоа е само бидејќи се наоѓаат во позиција кога мислење различно од нивното се судира со тоа што тие го мислат и знаат. И тоа е сосема во ред. Не би требало во ниту еден случај да бидете некој кој не сте само за да задоволите нечии хирови.