7 начини да ја подобрите вашата љубовна врска
Добрите врски не настануваат туку-така. Многу луѓе мислат дека ако треба да работат на врската, таа не е добра. Всушност, ова не е вистина. Како што е потребно да го одржувате здравјето со вежбање и здрава исхрана, потребно е да работите и на врската за да го одржувате нејзиниот квалитет. Овие совети ќе ви помогнат не само да ја подобрите врската, туку и да ја спасите ако минувате низ криза.
1. Преземете одговорност за вашите чувства
Ова е најважниот избор што можете да го направите. Ова значи дека наместо да се обидете да го натерате партнерот да прави да се чувствувате среќно и безбедно, треба да научите како самите да го правите тоа. Научете да се третирате со добрина, грижа, сочувство и прифаќање наместо да си судите. Ова судење постојано ќе прави да се чувствувате несреќно и несигурно, без разлика како ве третира партнерот. Па, наместо да бидете гневни на партнерот за вашите чувства кога ќе задоцни, кога е зафатен, кога не ве слуша и слично, обидете се да ги истражите овие чувства и да откриете зошто се овде. Кога ќе научите да преземате одговорност за себе, ќе престанете да го обвинувате партнерот за лошите денови.
2. Добрина, сочувство, прифаќање
Однесувајте се со другите како што сакате да се однесуваат со вас. Ова е најважното нешто во духовниот живот. Секој сака кон него да покажуваат добрина, сочувство, разбирање и почитување. Потребно е да се однесувате кон себе и кон партнерот на овој начин. Врските созреваат кога партнерите се добри едни кон други. Иако нема никаква гаранција, добрината речиси секогаш се враќа со добрина. Ако вашиот партнер постојано е гневен и не се грижи, потребно е да се фокусирате на љубовта кон себе наместо и вие да му враќате со гнев, вина, отпор и слично. Добрината кон другите не значи дека се жртвувате. Секогаш имајте на ум дека преземањето одговорност наместо обвинувањето на другите е најважното нешто што можете да го направите. Не можете да го промените партнерот, можете да се промените само вие.
3. Научете да слушате наместо да контролирате
Кога ќе настане конфликт секогаш имате два избора – да се отворите и да откриете од каде потекнува конфликтот, или да се обидете да победите со контролирање. Постојат многу суптилни начини на кои се обидуваме да ги контролираме другите како гнев, вина, судење, отпор, објаснување, лажење и слично. Сите начини на контролирање само го комплицираат конфликтот. Кога ќе сакате да научите наместо да контролирате, вашата врска ќе се подобри.
На повеќето луѓе им е страв од две нешта кога се во врска – страв од напуштање (губење на партнерот) и страв дека ќе се изгубат себеси. Кога се активираат овие стравови, луѓето се бранат обидувајќи се да го контролираат партнерот. Но ако одлучите да научите повеќе за вашите стравови наместо да контролирате, стравот евентуално ќе исчезне.
4. Одвојте време за состаноци
На почетокот на врската луѓето секогаш одвојуваат време за нив. Со текот на времето, особено ако станат родители, имаат повеќе и повеќе обврски. На врските им е потребно време за да бидат успешни. Поради ова од голема важност е да одвоите време само за вас и партнерот за да разговарате, да играте нешто, да водите љубов… Не можете да ја одржите интимноста ако не поминувате време еден со друг.
5. Благодарност наместо жалење
Помеѓу двајца луѓе има позитивна енергија кога постои благодарност. Постојаното жалење создава тешка и негативна енергија. Бидете благодарни за она што го имате наместо да се фокусирате на она што го немате. Жалењето создава стрес, додека благодарноста создава внатрешен мир.
6. Игри и забава
Работењето без игра може да ја направи врската монотона. Врските цутат кога партнерите се смеат заедно и кога игрите и хуморот се дел од секојдневниот живот. Престанете да ги сфаќате работите толку сериозно и научете да ја гледате забавната страна на животот.
7. Давање
Одличен начин да создадете интимност е да волонтирате заедно. Кога им давате нешто на другите чувствувате големо задоволство. Ова ќе ве тргне од вашите секојдневни проблеми и ќе ви помогне да го гледате светот на подуховен начин.
Дознајте и кои се најголемите митови за романтичните врски.