7 мудри совети од нашите баби и дедовци
Кога сме биле помлади можеби сме ги занемарувале зборовите на постарите сè додека не дошло време за да сфатиме колку биле во право. Бабите и дедовците имаат големо животно искуство кое несебично го споделуваат со своите внуци. Ова се дел од најчестите мудри совети од нашите баби и дедовци.
1. Внимавај каков впечаток им оставаш на луѓето
Не го уништувај мостот по кој си поминал бидејќи не знаеш кога ќе имаш потреба да поминеш пак. Нашите баби и дедовци секогаш нè учеле да бидеме културни и да оставаме впечаток на љубезни и одговорни личности. Никогаш не знаеме кој човек може да ни се најде во неволја или да ни помогне и да ни направи услуга. Затоа да се фокусираме повеќе на градење пријателства и добри врски отколку градење непријателски односи. Ако на неодговорен начин дадете отказ од работа, мала е веројатноста дека тој работодавач би ви дал добра препорака. Старите со причина нè учеле да оставаме добар впечаток каде и да одиме и од каде и да си заминуваме бидејќи никогаш не се знае дали ќе треба да се вратиме назад.
2. Секогаш држи се до своите принципи
Бабите и дедовците понекогаш ни изгледаат тврдоглави и не можеме да ги разбереме. Но, тоа е така бидејќи животот ги научил цврсто да се држат до она во што веруваат и да не ги погазуваат своите принципи. Бабата и дедото секогаш ќе ви речат да внимавате на вашето достоинство, принципиелност и чистиот образ.
3. Заштедувај за црни денови
Во младоста не мислиме на заштедата на пари туку на трошење. Но, животот ќе нè научи дека без оглед колкава плата земаш и какви задоволства можеш да си пружиш денес, никогаш не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Можеби нема да ги чуваме под перница или во стариот плакар како што правела баба, но ќе заштедиме за црни денови.
4. Уживај во младоста
Впиј го секој миг и сконцентрирај се на правење добри спомени на кои можеш после долги години да им се навраќаш со насмевка и со по некоја солза. Сè останато во животот е банално и минливо. Не губи време на нешто што не можеш да го промениш. Загубеното време не се враќа, а на старост сите го бараме, е нешто што често ќе го кажат постарите.
5. Сакај вистински и посвети им внимание на децата
Љубовта е многу важна, иако во модерно време, неретко и лесно се жртвува за кариера. Ако нашите баби и прабаби можеле да имаат по неколку деца и да работат на нивите, тогаш можеме и ние да го постигнеме тој баланс меѓу работата и семејството. Старите од искуство ќе нè посоветуваат кога ќе имаме деца да минуваме што е можно повеќе време со нив бидејќи брзо растат, но и да ги воспитаме добро бидејќи децата секогаш се одраз на родителите.
6. Грижи се за другите
Пружи рака за помош бидејќи е хумано, но и бидејќи не знаеш кога тебе ќе ти треба подадена рака. Да се грижиш и сочувствуваш не е знак на слабост, исто како што не е и пуштената солза. Да чувствуваш емпатија за другите е човечки.
7. Следи ги своите соништа
Бабите и дедовците биле оние што играле со вас додека сте биле мали. Учествувале во вашата игра на улоги како доктори, учители, актери и сл. Ним не им изгледале смешно вашите соништа и желби и секогаш ќе памтат што сте сакале да бидете кога ќе пораснете и ќе ве потсетат кога ќе дојде вистинското време.
Какви бисери на мудроста ви подариле вашите баби и дедовци?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.