7 митови за безглутенската исхрана во кои не треба да верувате

7 митови за безглутенската исхрана во кои не треба да верувате

Ако досега не сте го исфрлиле глутенот од вашата исхрана, најверојатно барем сте размислувале за тоа. Според истражувањата, голем број од луѓето ширум светот сакаат барем да го намалат внесувањето на глутенот или целосно да го елиминираат од исхраната. Имајќи го ова на ум, поголемиот дел од нив всушност не се ни сигурни што точно е глутенот. На кратко, станува збор за еден вид протеин што природно се наоѓа во житарките како што се пченицата, јачменот и ‘ржта. Многумина се збунети околу тоа дали ќе имаат корист од исфрлањето на глутенот. Некои веруваат дека мора да ги избегнуваат сите јаглехидрати (што не е вистина), а други мислат дека безглутенската исхрана ќе им ги стопи несаканите килограми (всушност, можете да ја зголемите тежината ако вашата безглутенска исхрана е лошо испланирана). Токму затоа, денес ви ги откриваме фактите кои се кријат зад најголемите заблуди за безглутенската исхрана, па така ќе можете да го направите вистинскиот чекор за вашата линија и целокупното здравје.

Мит број 1: Сите треба да се придржуваат до безглутенската исхрана

Вистина: Водете се според вашето тело и симптомите

Постојат две групи луѓе кои апсолутно мора да го исфрлат глутенот од исхраната. Личностите со дијагностицирана целијакија треба строго да го избегнуваат, бидејќи дури и малите количини предизвикуваат оштетување на чувствителните цревни ресички, односно ситните израстоци кои го обложуваат тенкото црево. Кога ресичките се оштетени, не можат правилно да ги апсорбираат хранливите состојки, што може да доведе до болки и екстремен замор. Доколку имате целијакија (која може да се дијагностицира со тест на крвта и биопсија на тенкото црево), исфрлањето на глутенот е еден од начините за да ја обновите штетата која настанала со внесувањето на глутенот и да ја осигурите апсорпцијата на потребните хранливи состојки.

Што ако тестот на целијакија е негативен, но се чувствувате лошо кога јадете пецива, тестенини и слични намирници? Во тој случај можеби страдате од пречувствителност на глутен, познато како нетолерантност, што може да предизвика нафрлање, надуеност, замор и потешкотии со концентрацијата. Не постои универзално прифатен тест за оваа состојба, но доколку мислите дека ја имате, единствено решение е во целост да го избегнувате глутенот и да следите како се чувствувате, при што можете да се консултирате доктор или нутриционист.

За работата да биде покомплицирана, исто така може да имате алергија на пченица, што значи дека имате имунолошка реакција која се покажува на конвенционалното тестирање на алергии. Во тој случај мора да ја исфрлите пченицата од вашата исхрана, но сѐ уште можете да ги толерирате намирниците кои содржат глутен, како што се јачменот и ‘ржта.

Мит број 2: Со исфрлањето на глутенот вашето тело ги губи клучните хранливи материи

Вистина: На вашето тело не му е потребен глутен

Глутенот е еден вид протеин, а протеините може да се добијат и од многу други намирници, па така можете слободно да се откажете од него. Добро испланираните оброци без глутен всушност може да биде паметна стратегија за подобрување на квалитетот на вашата исхрана. Тоа вклучува купување помалку преработена храна и консумирање повеќе свежи намирници кои се богати со хранливи влакна – токму тој чекор е во добра насока кон правилната исхрана.

Мит број 3: Безглутенската исхрана помага со слабеењето

Вистина: Некои луѓе губат, а некои добиваат неколку килограми

Секојпат кога ќе исфрлите некоја намирница од вашата исхрана, постои опасност дека ќе ја замените со нешто полошо што го отежнува процесот на слабеење. Многу е лесно да посегнете по грицките без глутен, како што се колачињата и чипсот, мислејќи дека се храните здраво. Некои луѓе тогаш започнуваат да јадат поголеми порции, мислејќи дека и онака јадат здраво, па нема штета (но калориите и понатаму се сметаат). Исто така, немојте да ги замените рафинираните житарки кои содржат глутен, како што се белите тестенини, за рафинирани житарки без глутен, како што е белиот ориз, кој не помага во слабеењето. Подобро изберете житарки со целосно зрно без глутен.

Мит број 4: Поздравете се со јаглехидратите

Вистина: Овој вид исхрана не предвидува исфрлање на јаглехидратите

Компирот, тиквичките и мешунките (грав, грашок и леќа) се намирници без глутен од кои не мора да се откажете. Грицкајте пржени леблебии наместо переци од бело брашно, заменете го обичното брашно со брашно од леблебии, а наместо обични шпагети послужете шпагети од тиквички или тиква. Со овие замени можете да го подобрите консумирањето на влакна и протеини, да осигурите широк спектар на антиоксиданси, витамини и минерали, односно да го намалите внесувањето на калориите.

Мит број 5: Заборавете на житарките

Вистина: Киноата, кафеавиот ориз и другите житарки не содржат глутен

Добра вест: И понатаму можете да јадете киноа, кафеав или див ориз, хељда, пченка, амарант, просо и кинеска шеќерна трска. Замената на рафинираните житарки кои содржат глутен со безглутенски житарки од цело зрно е алтернатива која ќе го подигне внесувањето на хранливи влакна и хранливи состојки, но и ќе придонесе за вашето севкупно здравје. Консумирањето повеќе цели житарки го намалува ризикот за смртност до 15%, особено кај оние со срцеви заболувања. За среќа, замените се едноставни: Наместо пченица изберете киноа или просо, а белите тестенини подготвени од рафинирано брашно заменете ги со безглутенски житарки, како што се кафеавиот ориз.

3-7-mitovi-za-bezglutenskata-ishrana-vo-koi-ne-treba-da-veruvate-www.kafepauza.mk_

Мит број 6: Не можете да „мамите“ во исхраната

Вистина: Можете да бидете несовршени (освен ако тоа не влијае на вашето здравје)

Можете ли понекогаш да се излажете и да посегнете по храна која сепак содржи глутен? Ако сте ја направиле оваа промена за да се храните поздраво, тогаш нема ништо лошо во тоа ако понекогаш во вашата исхрана вклучите намирници кои содржат глутен, сѐ додека не се почувствувате лошо. Меѓутоа, кај личноста со дијагностицирана целијакија или пречувствителност на глутен, единствено решение е во целост да го избегнува глутенот.

Мит број 7: Глутенот се наоѓа само во житарките

Вистина: Глутенот може да се најде во разни производи, каде што се додава за да го згусне или стабилизира самиот производ

Бидејќи истакнувањето на глутенот на листата на состојки не е задолжително, неговото откривање понекогаш е вистинска детективска работа. Но, можете да го избегнете доколку ги читате ситните букви. Најпрво проверете дали производот содржи пченица, ‘рж или јачмен. Потоа барајте ги дериватите на таа храна, како што се лебни трошки, слад или пивски квасец. Изненадувачките извори на глутен ги вклучуваат супите, замените за месо (како што се шејтанот или вегетаријанскиот колбас), енергетските плочи, чипсот и сосот од соја.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар