7 мали, но големи нешта кои имаат моќ да ја одржат секоја врска
Секоја здрава и сериозна врска се состои од љубов, страст, жртва, компромис и давање. Доколку сакате таа да потрае или пак, имате цел да го подобрите односот со вашиот партнер, тогаш тоа можете да го постигнете преку овие мали моќни промени кои со сигурност ќе ви помогнат во градење поздрав однос.
1. Најслаткото задоволство – Понекогаш прескокнете го последниот и најсладок залак и препуштете му го на вашиот партнер. Доколку знаете дека тој/таа нешто премногу сака, а и вам истото многу ви се допаѓа, направете исклучок и овој пат оставете му/ѝ го последното залче чоколадо или торта. И покрај тоа што можеби ова не ви изгледа како голем гест, тој може да значи многу во очите на вашиот партнер.
2. Препуштете го изборот – Одвреме-навреме дозволете му на вашиот партнер да избере што ќе јадете вечерта, кој филм ќе го гледате, па дури и каде ќе одите на одмор. Ова е уште еден гест со кој му/ѝ покажувате дека ви е важно неговото/нејзиното мислење.
3. Однос со најблиските – Ако знаете дека родителите на вашиот партнер доаѓаат кај вас на гости, а не ги гледате често, ослободете го вашиот ден и посветете им го на нив. Добриот однос со родителите на вашиот партнер покажува дека вие многу се грижите за него.
4. Утрински ритуали – Секој пар има свои сопствени утрински ритуали. Доколку сакате навистина да му/ѝ покажете дека се грижите, тогаш надмудрете го вашиот партнер и направете ги неговите/нејзините обврски уште пред да се разбуди. На пример, станете порано и подгответе го кафето. Зарем има подобар начин да го/ја изненадите?
5. Домашни обврски – Паровите кои веќе некое време живеат заедно имаат одредени обврски во нивниот дом. Доколку вашиот партнер е премногу зафатен на работа, понекогаш преземете и од неговиот/нејзиниот дел со цел малку да му/ѝ олесните. Наместо вашиот партнер, овој пат вие подгответе го ручекот, фрлете го ѓубрето или измијте ги садовите. И оваа ситница многу ќе значи во неговите/нејзините очи.
6. Комплименти – Никогаш не можеме да се заситиме од комплименти. Токму затоа, кога ќе забележите нешто што му се допаѓа на вашиот партнер, веднаш изговорете го тоа на глас. Пофалете го неговиот/нејзиниот изглед, фризура или модна комбинација. Истакнете го тоа на што се гордеете кај него/неа.
7. Изненадување – Исто како комплиментите, така и малите изненадувања се добредојдени во секоја врска. Без разлика дали станува збор за нешто што ќе го купите или пак, самите ќе го изработите, секој топол и искрен гест останува вечно запомнет.