7 квалитети кои ги поседуваат луѓето со висока емоционална интелигенција
Луѓето со висока емоционална интелигенција знаат како да го направат светот подобро место за живеење. Тие го даваат својот максимум за секој ден да биде поубав, подобар и поуспешен од претходниот. Емоционалната интелигенција игра огромна улога во светот на успехот, а истражувањата во таа област покажале дека е навистина така.
Даниел Голман е доктор по науки, писател и истражувач во областа на лидерството. Познат по неговиот бестселер „Емоционална интелигенција: Зошто таа може да е поважна од коефициентот на интелигенција?“, Голман објаснува како и зошто никогаш нема вистински да успеете во животот доколку не ги поседувате особините на личност со висока емоционална интелигенција. Неговата работа се состои во истражувања поврзани со тоа што ги прави луѓето успешни, а тие истражувања дале резултат дека токму емоционалната интелигенција го носи човекот чекор поблиску до совршенство и до неверојатен успех.
Постојат многу дефиниции кои го опишуваат концептот на емоционална интелигенција, но во глобала таа претставува способност на луѓето да ги идентификуваат своите и туѓите емоции, да ги искористат и насочат тие емоции кон продуктивно извршување на некоја задача и успешно да ги изменаџираат и исконтролираат своите, но и емоциите на другите луѓе. Според Голман, овие особини се клучни во светот на успехот и без нив е невозможно да изградите успешен професионален живот.
Следниве 7 квалитети се оние по кои луѓето со висока емоционална интелигенција се разликуваат од останатите.
1. Се приспособуваат на промени
Промената е нешто кое никогаш не ги плашело. Светот постојано се менува, а тие по природа се лесно приспособливи на промени. Свесни се дека е невозможно работите да останат во иста состојба долго време, па токму затоа не им е потребно многу време да ги разберат и прифатат промените кои постојано се случуваат наоколу.
2. Самосвесни се
Луѓето со висока емоционална интелигенција се познаваат себеси доста добро. Знаат кои се и што сакаат, кои се нивните позитивни и негативни страни, знаат да препознаат кога не се во право и кога треба да се повлечат. Свесни се за сето она кое сѐ уште имаат да го научат и се подготвени и отворени за постојано надградување на себеси.
3. Емпатични се
Сочувствувањето со другите луѓе е една од нивните најизразени карактеристики. Тие се способни да се поврзат со другите и да разберат што им се случува и како тие се чувствуваат во врска со тоа. Оваа ретка особина има неверојатно позитивно влијание во нивниот приватен, но и професионален живот.
4. Не се перфекционисти
Совршенство не постои и луѓето со висока емоционална интелигенција го знаат тоа. Никогаш не очекуваат дека нешто ќе се заврши перфектно добро бидејќи се свесни дека тоа е невозможно. Иако се многу амбициозни по природа, знаат како да се помират со сите недостатоци и пречки на патот и што е најважно – секогаш учат од грешките.
5. Балансираат
Тоа што се свесни за себе и знаат кои се и што се, повлекува дека се доста зрели и способни да ја препознаат важноста која ја носи со себе потребата од балансирање на приватниот и професионалниот живот. Тие се хранат добро, си дозволуваат добро да се одморат и имаат интереси и надвор од нивната работа. Но сето тоа добро го координираат и не дозволуваат приватниот да го надвладее професионалниот живот и обратно.
6. Љубопитни се
Луѓето со висока емоционална интелигенција имаат вродено чувство за љубопитност и желба за учење нови работи. Тие никогаш не осудуваат, па нивната љубопитност може да се карактеризира како желба за ширење на видиците и откривање на нови можности. Тие често поставуваат прашања и се интересираат за луѓето и нештата околу нив, а се секогаш отворени за предлози и решенија различни од нивните.
7. Благодарни се
Секој ден носи со себе нешто за кое луѓето треба да се благодарни, а луѓето со висока емоционална интелигенција го знаат тоа. Наместо да се заморуваат со мисли од типот на чашата е полупразна/полуполна, тие одлучуваат да се чувствуваат добро и убаво. Уживаат во животот и не дозволуваат никакво токсично размислување да им го расипе тоа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.