7 игри со кои ќе ја одржите забавата во врската
Игрите не се само за децата. Децата преку игри најдобро учат, а за возрасните тоа е најдобриот и најинтересниот начин подобро да се запознаат. Ако чувствувате дека врската ви станува монотона, тогаш дефинитивно пробајте да ги раздвижите работите со следниве интересни предлози.
1. Духовни животни
Целта е да научите нешто ново за партнерот, притоа фокусирајќи се на позитивните страни од карактерот и да дознаете што тој/таа мисли за вас. Важно е да не си ги кажете резултатите до крајот на играта. Потребни ви се листови и пенкала за двајцата. Имате задача да ја замислите неговата/нејзината аура. Аура е бојата која ја гледате кога ќе помислите на таа личност. Запишете ја бојата. Потоа нацртајте го неговото/нејзиното духовно животно, (животното кое го гледате кога ќе помислите на нив). Следниот чекор е да ја запишете бојата на вашата аура и да го нацртате духовното животно кое мислите дека вие го претставувате. На крајот запишете ги карактеристиките на двете животни. Кога ќе ги откриете листовите пред партнерот ќе имате можност да научите нешто ново за начинот на кој тој/таа ве гледа.
2. Бебешки слики
За оваа игра ви се потребни по 10 слики од вашето детство. За секоја слика ќе кажете само по едно нешто, а партнерот мора да ве слуша. Оценувањето се врши исто како да играте меморија. Откако ќе кажете по нешто за секоја слика, измешајте ги и поставете ги наопаку на масата. Како што избирате по една слика, другата личност мора да се сети што сте ѝ кажале за неа. Ако се блиску до одговорот добиваат поени, а ако премногу згрешиле, не добиваат поени и мора да бидат подобри слушатели.
3. Игра со филм
Ако барате добар изговор да гледате романтичен филм и да се бакнувате, тогаш ова е сигурно најдобриот избор. Правилата се едноставни: секогаш кога некој ќе го изговори зборот „љубов“, треба да го бакнете партнерот. Можете да ги заменете правилата и да се бакнете секогаш кога ликовите од филмот ќе се бакнат. Можеби звучи глупаво, но ова одличен начин да си изразите љубов во релаксирана и удобна средина, а притоа и да се забавувате.
4. Асоцијација и пантомима за парови
Оваа игра е наменета за повеќе луѓе. Можете сами да смислувате што ќе погодувате или пак да ја симнете бесплатната апликација „Charades!“ од Play Store за Aндроид или од Apple Store за Aјфон за да искористите готови идеи. Има избор од најразлични категории кои секому му одговараат и е забавен начин да се дружите со партнерот и со вашите пријатели. Затоа подгответе малку храна за енергија, добро вино и повикајте ги пријателите на заедничка дружба. Не играјте постојано со партнерот во ист тим, вие веќе знаете многу еден за друг, па за да биде поинтересно, измешајте се малку. Играва ќе ве потсети дека иако е важно да му посветувате внимание на партнерот, не смеете да заборавите да се дружите и со вашите пријатели.
5. Потрага по изгубеното богатство
Богатството во овој случај се малечки предмети за кои двајцата сте сентиментално врзани. Значи, малите „подароци“ ќе бидат поставени на интересни локации како местото на вашиот прв состанок, она каде што прв пат се бакнавте или некое друго место со кое двајцата сте поврзани. Потоа треба да смислите асоцијација или помош за тоа место кое ќе го донесе партнерот до точниот одговор и точното место. Ова е одлична идеја ако немате планови за Св. Валентин затоа што ќе го потсетите партнерот на сите прекрасни и романтични моменти кое сте ги доживеале заедно.
6. Состанок на слепо
Овде всушност треба да запишете 5 места на кои би сакале да одите на состанок на слепо без да си ги кажете меѓу себе. Можеби и ќе ги запишете истите места, но тоа не е важно. Откако ќе го направите тоа, извлечете едно од длабок сад и каде што пишува на ливчето, таму треба да одите на состанок на слепо. Убаво би било и ако се облечете како прв пат да се запознавате. А кога веќе ќе сте таму, кажете му на партнерот работи кои никогаш досега не сте му ги кажале: случки од детството, смешни фобии, па дури и вашите најсрамни моменти. Ако сè помине добро, можеби ќе има и бакнеж за добра ноќ.
7. 10 работи кои ги сакам кај тебе
Ваквата игра најдобро оди со десерт и добро вино. Едноставна и лесна, но со тежок систем на оценување. Откако наизменично ќе си ги кажете причините зошто го сакате партнерот, треба и да ги оцените според критериумите: уникатност, креативност и сексапилност на скала од 1-10. На пример, ако го сакате поради очите, добивате оценка 1 на скалата за уникатност, а ако го сакате поради неговиот луд начин на танцување и начинот на кој дише, тогаш добивате 7 поени. Освен што ќе ви го подобри натпреварувачкиот дух, со оваа игра ќе имате прилика и длабоко да размислите што всушност сакате кај вашиот партнер.