7 главни разлики помеѓу рана бременост и ПМС
Симптомите како што се зголемениот апетит, чувствителните гради и раздразливоста најчесто ги поврзуваме со ПМС-от, но доста слични симптоми се јавуваат и во текот на раната бременост. Односно, хормоните и во двата случаи предизвикуваат промени во телото, а за да научите да ги разликувате ви ги претставуваме следниве 7 клучни разлики.
1. Имплантациско крвавење
Еден од првите знаци на бременост кој често може да се помеша со менструација е имплантациското крвавење. Тоа се појавува од 6 до 12 дена од зачнувањето, односно кога ембрионот се закачува на ѕидот од матката и започнува лесно крвавење проследено со грчеви. Со оглед на тоа дека сите симптоми укажуваат на менструација, треба да се обрне внимание на количината на крвавење кое во овој случај е значително помала.
2. Чувствителни гради
Иако чувствителните гради се најчест симптом за ПМС, тие исто така се и првиот симптом на бременост, при што во вториот случај, градите стануваат отечени, а ареолите потемни. Освен тоа, чувствителноста на градите кај раната бременост не престанува по неколку дена, туку станува сè позачестена.
3. Невообичаен замор
Исцрпеноста во текот на вообичаените активности, зголемената потреба за одмор, односно зачестениот замор е еден од првите знаци на бременост. Тие најчесто се појавуваат во текот на првото тромесечје кога телото се навикнува на новите промени.
4. Често мокрење
Зачестеното мокрење кое не е проследено со грчеви и болки, како што е вообичаено во текот на ПМС, е еден од симптомите за бременост. Тоа се случува поради ширењето на матката, која притиска врз мочниот меур. Во текот на бременоста телото природно произведува поголема течност, поточно се појавува потребата за течности, бидејќи е зголемена жедта.
5. Мачнини и пречувствителност на мириси
Зголемената потреба за вкусови, солени или слатки, е добро познат симптом на ПМС, како и чувството на тежок желудник. Но, тој не е еднаков на чувствувањето мачнини кои се проследени со повраќање, односно овие несакани ефекти се појавуваат наутро и навечер, кои се добро познати како симптоми на бременост.
6. Вртоглавица
Ненадејните вртоглавици и чувството на слабост кај ПМС најчесто се јавуваат како последица на болките кои исчезнуваат по завршувањето на циклусот. Но, доколку ваквите симптоми продолжуваат подолг период, а менструацијата доцни, тие укажуваат на бременост. Слабоста ја предизвикува ширењето на матката која прави притисок во артериите на нозете и создава пад на крвниот притисок.
7. Покачена температура
Покачената температура на телото и честите бранови на топлина се најчестите симптоми на раната бременост. Зачестената топлина најчесто е проследена со потење и чувство на мала непријатност.