7 чекори кои сигурно водат кон успешно интервју за работа
Чувствувате страв и паника пред да се појавите на интервјуто за посакуваната работа и не знаете од каде да почнете со подготовките? Еве што треба да направите пред и по самото интервју, што се надеваме дека ќе ви помогне во остварувањето на професионалните цели.
Чекор 1: Една недела пред интервјуто
Ова е најнапорната недела, каде имате најмногу работа. Запомнете, колку поподготвени, толку посамоуверени. Затоа, издвојте време да ги направите следниве работи:
1. Информирајте се и прочитајте за личноста која ќе ве интервјуира и за самата работа.
2. Прочитајте го описот на работното место повторно за точно да разберете што всушност бараат.
3. Запрашајте се: „Како јас можам да им помогнам во остварувањето на целите на компанијата?“ На пример: „Моето искуство во продажба и пријатната харизма може да придонесат кон зголемување на вашата клиентела“.
4. Потоа, размислете зошто го сакате тоа работно место. Дали е само привремена работа додека не ви се исполни зацртаниот сон? Дали е работата од вашите соништа, која мора да ја добиете? Дали е поради тоа што е блиску до вашето место на живеење, па не мора да трошите пари за превоз или нешто друго е во прашање?
Чекор 2: Еден ден пред интервјуто
1. Гледајте го видеото на Amy Cuddy (Ted Talk), во врска со самодовербата. Навистина може да влијае позитивно на вас и да ви ја донесе работата која ја посакувате.
2. Одберете што точно ќе облечете за да не се занимавате со тоа на денот на самото интервју.
Чекор 3: Утринските часови пред самото интервју
1. Сетете се на период од животот кога сте биле самоуверени и сте го добиле она што сте го сакале. На пример:
„Супер одговорив на прашањето на професорот и ме пофали пред целиот амфитеатар.“
„Добро се снајдов во работата со деца и родителите навистина ме пофалија.“
„Зготвив преубаво јадење, што им се допадна на сите.“
Со еден збор, потсетете се на некои успеси, без разлика колку минорно да ви звучат во моментот.
2. Оставете ја таа емоција на самоувереност да продолжи и во текот на самото интервју. Сега тоа ви е најпотребно – за сите детали се погриживте минатата недела.
3. Јадете здрава храна, која ја поттикнува работата на мозокот. На пример: боровинки, спанаќ, јаткасти плодови, риба.
4. Станете порано.
Чекор 4: Еден час пред интервјуто
1. Насмевнете се. Гледајте нешто смешно, што ќе ве расположи.
2. Бидете инспирирани. Читајте мотивациски текстови, кои ќе ви дадат добра автосугестија, дека вие навистина сте способни и ќе го дадете најдоброто од себе на интервјуто. Текстови кои ќе ве подучат дека дури и да не ја добиете работата, не е крајот на светот. Ќе има уште многу шанси, за кои само треба да бидете подготвени и да верувате во себе.
Чекор 5: Неколку минути пред интервјуто
1. Спроведете го на дело она што го слушавте во говорот на Ted.
2. Размислете што ви причинува најмногу задоволство на светот и насмевнете се во себе.
Чекор 6: Еден ден по интервјуто
1. Заблагодарете се на компанијата по мејл.
2. Бидете задоволни од она што сте го направиле. Вие сте достојни за убаво работно место и го заслужувате само најдоброто. Излезете надвор, прошетајте, купете цвеќе и уживајте во сонцето.
Чекор 7: Две до четири недели по интервјуто
1. Доколку не добиете повратен одговор во рок од една до две недели, па дури и месец, повторно контактирајте го одговорното лице и потрудете се да останете во добар однос, дури и да не сте примени за работното место.
Многупати и компаниите знаат да погрешат со првичниот избор, но не очајувајте. Следете ги нивните нови огласи и бидете спремни да аплицирате повторно наредниот пат. Секогаш трудете се да оставите добар впечаток и да им дадете до знаење дека навистина го сакате работното место, со што можеби би ви дале предност токму вам наредниот пат. Потребен е многу труд и работа, затоа бидете подготвени и не срамете се да се обидете пак. Среќно!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.