6 здравствени нарушувања кои ги предизвикува анксиозноста

6 здравствени нарушувања кои ги предизвикува анксиозноста

Анксиозноста сама по себе е нарушување и претставува преголем товар за личноста која страда, но за жал таа може да предизвика и големи и сериозни проблеми со физичкото здравје.

6 здравствени нарушувања предизвикани од анксиозност

Бројот на здравствени нарушувања предизвикани од и поврзани со оваа состојба се многубројни и тие се појавуваат како несакана последица, особено кога е во прашање хроничната анксиозност.

Според психолозите, анксиозноста е нормална појава на одбрана со која самите се штитиме од опасностите, но истата станува ризична за здравјето кога трае предолго. Да се препознаат нејзините знаци значи и да се бориме да го зачуваме и физичкото и менталното здравје, но некогаш во тој процес е потребна и стручна помош.

Доколку навреме не ја побараме помошта, ризикуваме да се изложиме на следниве нарушувања:

1. Несоница

Голем број лица кои страдаат од анксиозност, во исто време имаат лош сон. Лошиот сон, пак, понатаму може да предизвика дополнителни проблеми со концентрацијата, но и со физичката кондиција за извршување на секојдневните активности. Затоа, за проблемот мора да се разговара со психолог или психијатар.

2. Проблеми со стомакот

Анксиозноста може да го предизвика синдромот на иритиран стомак, што понатаму носи и проблеми со дигестивниот систем. Кога телото е во постојано очекување на паника, стрес или страв, се појавуваат проблеми со варењето или потреба за пречесто празнење на цревата.

6 здравствени нарушувања предизвикани од анксиозност

3. Бруксизам (шкрипење со забите)

Овој симптом, односно нарушување, е поизразен во текот на спиењето, кога личноста нема будна контрола врз однесувањето, туку сè е диктирано од психолошката состојба. Ова може да предизвика главоболки поради постојаната активност на вилицата, но и константно оштетување на забите.

4. Физичка болка со непознато потекло

Анксиозноста често е предизвикувач на физичка болка со нејасно потекло. Најчесто се манифестира со болки во грбот, но и главоболки, на кои ниту еден доктор не може да им го лоцира потеклото. Затоа, размислете дали можеби имате некаков проблем што ви го нарушува менталното здравје, а што може да биде и причина за физичка болка.

6 здравствени нарушувања предизвикани од анксиозност

5. Кардиоваскуларни заболувања

Според психолозите и психијатрите, кај лицата со анксиозност се зголемува ризикот за кардиоваскуларни заболувања. Секако, анксиозноста не секогаш предизвикува срцеви заболувања, но паничните напади со кои таа е проследена може да бидат причина за неправилна работа на срцето или покачен крвен притисок. И во овој случај консултацијата со општ лекар и со психотерапевт е неопходна.

6. Респираторни проблеми

За време на паничните напади често ритамот на дишењето е неправилен, при што се можни и болки во градите. Како и за претходните нарушувања, така и за ова важи истото – доколку нема физичка причина за болките во градите и неправилното дишење, запрашајте се дали можеби вашата психа ви испраќа некаква порака?

При анксиозност, многу е важно да се знае дека не секогаш таа може да го наруши физичкото здравје и дека наведените симптоми (доколку ги имате), мора да бидат проверени од доктор, пред да се заклучи дека се последица на психолошки проблем.

Прочитајте и кои лоши навики ги влошуваат симптомите на анксиозност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар