6 способности што децата ќе ги развијат подобро надвор од училницата
Во овие моменти кога повеќето деца ги пропуштаат часовите на училиште, родителите се загрижени дали и како ќе влијае тоа на нив, а психолозите за деца велат дека тоа може дури и да им биде од корист. Во продолжение погледнете кои се способностите што децата може да ги развијат подобро надвор од училницата.
1. Телесни способности
Кинестетичките способности опишуваат како човекот се движи со своето тело во просторот. Кај спортистите тие се исклучително добри, но, за жал, кај денешните генерации, децата никогаш не биле во полоша состојба бидејќи се сè повеќе и повеќе пасивни. Децата учат да го движат своето тело преку интерактивни игри со другите, преку танцување или вежбање. Тие, исто така, учат како да ги надминуваат пречките (како играчките во станот и мебелот) и вежбаат едноставни задачи, како што е предизвикот да носите чаша вода без да ја истурите.
2. Музички способности
Музичките способности вклучуваат учење мелодии, имитирање звуци, свирење инструменти и пеење. Децата можат да пеат, да измислат или да ги имитираат песните што ги чуле. Тие можат да стекнат навика за танцување или да направат своја кореографија. Но, во ова време, повеќе од кога било, може да научат да ја ценат музиката и да ги препознаваат добрите и лошите изведби. Семејството може да пее заедно, а тоа има терапевтски ефект.
3. Снаоѓање во просторот
Кога децата градат нешто, тие ги градат своите просторни вештини, без разлика дали е тоа креативна лего градба или изградба на тврдини. Она што е најдобро е што не постои старосна граница кога градењето ќе престане да им биде интересно и децата треба да бидат охрабрени да се развиваат преку ваква игра, па затоа немојте да ги спречувате ако употребуваат предмети од домаќинството што не се опасни за нив само затоа што се плашите од неред. Запомнете: нередот ја поттикнува креативноста, а тие така се забавуваат.
4. Меѓучовечки вештини
Овие вештини се однесуваат на уметноста на интеракција со другите луѓе. Способноста да се разберат другите, трпеливоста и чувствителноста дури и за време на конфликтите со другите се многу важни во животот. Приказните за играње улоги со другите ги градат овие способности.
5. Интерперсонални вештини
Овие вештини се поврзани со знаењето за себе, со своите склоности, со својата интуиција, со своите потреби итн. Тоа е особено важно деновиве, кога нема одвлекување на вниманието како со училишните другарчиња и со училишните активностите, така што ова е исто така вистинска можност за децата да научат повеќе за себе, како и да научат што е самоконтрола.
Децата сè уште се во фаза на изградба и им требаат многу различни искуства за да пораснат. Како и да е, најдобриот начин да им се помогне да ги изградат своите интерперсонални способности е да им се овозможи да ги следат своите нагони за раст.
6.Натуралистички вештини
Овие генерации се повеќе од кога било оддалечени од животот во природата. Играњето со кал, набљудувањето на дождот, кинењето лисја, истражувањето инсекти, фрлањето камчиња, сето тоа инспирира подлабоко разбирање за функционирањето на природата. Ако немате двор, пуштете им да гледаат документарни филмови на оваа тема за да им предизвикате интерес.
Ако на вашите деца им станува здодевно, погледнете кои предмети што ги имате дома можете да ги искористите за да им биде позабавно.