6 навики кои со сигурност ќе ви го подобрат расположението
Секој ден се будите рано, ги подготвувате децата за на училиште, одите на работа, се враќате дома, јадете, си легнувате во кревет и потоа пак од почеток. Дали понекогаш ви се чини дека монотонијата преовладува со вашето секојдневие? Верувајте дека многу лесно можете да излезете од рутина ако ќе ги стекнете вистинските навики. Прочитајте кои се 6-те позитивни навики кои со сигурност ќе ви го подобрат расположението…
1. Вазната постојано нека ви биде полна со цвеќиња
Станува збор за ситница, но свежите цвеќиња секогаш успеваат да го освежат домот, како и вашето расположение. Освен тоа, нема да ве чини многу. Без разлика дали станува збор за неколку мали цвеќиња или голем букет од каранфили, веднаш ќе ја почувствувате разликата во атмосферата.
2. Пазарете еднаш неделно
Празниот стомак е најголемиот поттикнувач на лошото расположение. Но, ако кујната ви е полна со вкусни јадења, многу лесно ќе успеете да им одолеете на нездравите ужини кои прават да се чувствувате лошо. Одберете ден од неделата за пазарење и вметнете го во вашиот распоред.
3. Одвојте еден час од денот само за вас
Кога немате време за себе, лесно може да почувствувате фрустрација поради тоа што постојано ги исполнувате туѓите потреби. Иако можеби ќе ви биде тешко, многу е важно да одвоите време за себе и за своите мисли. Обидете се да станувате порано за да можете на раат да го испиете кафето и да го прочитате весникот. Тоа ќе ви помогне да се чувствувате многу поприбрани.
4. Поставувајте си мали, дневни цели и исполнувајте ги
Нема подобро чувство од тоа кога ќе прецртате нешто од вашата листа на обврски. Правете си едноставни дневни листи на секојдневни задачи, како што е плаќањето сметки на пример, и гледајте да завршите што е можно повеќе од нив. Малите победи ќе ви донесат големо задоволство.
5. Исклучете ги сите електронски уреди
Можеби не можете да си го замислите животот без електронските уреди, но порано луѓето немале мобилни телефони, компјутери и телевизори и ништо не им недостасувало. Изолирајте се од тој невидлив свет што ви одзема голем дел од времето и одвојте 1-2 часа дневно за да се фокусирате на она што е навистина важно. Време е да ја прочитате онаа прекрасна книга што веќе 3 месеца планирате да ја почнете.
6. Почестете ги луѓето кои ви значат
Без разлика дали станува збор за вашата колешка од работа, родител што сте го запознале во паркот или добрата сосетка, покажете ја вашата благодарност на луѓето кои ви значат со мал гест, како што е честење кафе или колачи. На тој начин, вие ќе ширите љубов во вашето опкружување. Ќе успеете да го разубавите денот некому, но и вие ќе се расположите. Не заборавајте дека насмевката може да ви отвори многу врати.
Доколку сакате постојано да бидете во добро расположение, прочитајте ги 12-те навики на луѓето кои сами си ја создаваат својата среќа.