6 лоши навики кои мислиме дека се здрави за врската

6 лоши навики кои мислиме дека се здрави за врската

Мешањето на здравите и лошите навики во врската не е ни чудна ни ретка појава. Мислејќи дека правиме добро, всушност правиме лошо, па обидувајќи се да ги поправиме работите, знаеме да направиме уште полошо. Често, она што мислиме дека не е во ред знае да испадне добро, а она што е според нас позитивно, да направи само поголема штета. Ако се прашувате кои се тие навики за кои мислиме дека се здрави, но се всушност штетни за врската, тогаш продолжете да читате надолу.

(1)-6-loshi-naviki-koi-mislime-deka-se-zdravi-za-vrskata-kafepauza.mk

1. Му префрлате на партнерот за старите грешки

Постојаното потсетување на старите грешки и префрлањето за истите не е воопшто начин за врската да оди понатаму. Иако на момент делува дека доколку се навратите на проблемите и го потсетите партнерот каде и за што погрешил и ќе му укажете каде и на што да внимава, на крајот само ќе предизвикате уште поголеми кавги и проблеми.

Но, штом еднаш сте се помириле со некои работи, воопшто не е во ред при секоја следна кавга повторно да му ги префрлате на партнерот грешките од минатото, уште помалку да му враќате за нив. Желбата за чувство на моментална „еднаквост“ многу лошо ќе влијае на врската на долги патеки. За промена, обидете се да ги одвоите проблемите едни од други и решавајте ги секој посебно. А доколку некој постојано се повторува, размислете убаво што тоа значи и како сакате да продолжите.

2. Наместо да кажете јасно и гласно што сакате, очекувате партнерот сам да открие

Луѓето не читаат мисли и токму затоа очекувањето дека партнерот едноставно ќе знае што мислите и како се чувствувате е бесмислено. Вие можеби се обидувате да му кажете со своите постапки, му давате на партнерот знаци и кажувате работи по кои тој би требало да познае, но тоа е само ваше мислење и е целосно погрешно.

Партнерот може да ве сака и познава, но не е видовит, а ни должен да препознава што сакате. Кажете што сакате јасно и гласно, кажете што мислите и како се чувствувате. Заштедете си себеси време, избегнувајќи непотребни кавги и за промена, обидете се да зборувате со партнерот, отворено и искрено.

(2)-6-loshi-naviki-koi-mislime-deka-se-zdravi-za-vrskata-kafepauza.mk

3. Ја користите врската како заложник

Можеби ова не ви е баш најјасно, но сепак постои огромна разлика помеѓу зборовите „се однесуваш вака и вака“ и „не можам да бидам со некој кој се однесува вака и вака“. Додека едното е искажување на мислење и чувства, другото претставува користење на врската за да го уцените партнерот да го промени своето однесување. А кога постојано некому му кажувате дека не можете да бидете со него, која и да е причината, веројатно на крајот и тој ќе поверува дека врската нема шанси да опстои.

Уцените од овој тип се емоционални и психички напади, предизвикуваат непотребна драма во врската и нервози. На крајот на краиштата, зошто сте со некој ако мислите дека не можете да бидете со него? Ако мислите дека со овие уцени ќе предизвикате некоја позитивна промена, тогаш лошо се лажете.

4. Го кривите партнерот за сопствените чувства

Она што го правите е одлука која самите ја носите, а она што го чувствувате е резултат само на вас и начинот на кој вие размислувате. Туѓите постапки се нешто кое не можете да го контролирате и насочите како што вам ви одговара, но можете да го смените начинот на кој тие ќе влијаат на вас. Партнерот не е воопшто крив кога се чувствувате лошо бидејќи некоја негова постапка не ви се допаднала, особено кога таа директно не е причината што не се чувствувате убаво.

Обвинувајќи го него за работи за кои не е крив е целосно погрешно, а обидите да направите да се чувствува лошо бидејќи не направил ништо за вие да се чувствувате подобро, само ќе предизвикаат дополнителни и непотребни проблеми. Што е со неговите чувства? Што е со неговите обврски? Дали воопшто го прашавте како тој се чувствува или очекувавте дека едноставно треба сѐ да остави само за да дотрча кај вас и да ве расположи бидејќи вие се чувствувате лошо? Немојте да бидете себични. Вашите чувства се ваша одговорност и ничија друга, а кога вашиот партнер може и се обидува да ве расположи, тоа не треба да биде бидејќи чувствува обврска, туку желба и љубов.

5. Љубоморни сте за секоја можна ситница

Кој и да ви кажал дека доза љубомора е позитивна за врската, тој некој добро ве насамарил. Љубомората е болест која се шири многу побрзо отколку што мислите. Она што можеби започнало како мал гест за да му покажете на партнерот дека е ваш и дека го сакате само за себе, многу брзо ќе прерасне во опсесивна потреба да го знаете секој негов потег, каде оди, со кого се допишува и сл. А најлошото е што нема ни да бидете свесни за тоа.

Почнувајќи уверени дека малку љубомора ќе ја зачини врската, вие ќе си предизвикате проблеми во неа и најверојатно, ќе ја изгубите довербата во партнерот. Интересно е како мозокот работи и се самозалажува кога му го дозволувате тоа. Верувајте му на партнерот и не дозволувајте ѝ на љубомората да ви го одземе тоа што го имате само поради желбата за малку драма во врската.

(3)-6-loshi-naviki-koi-mislime-deka-se-zdravi-za-vrskata-kafepauza.mk

6. Купувате подароци кога нешто ќе погрешите

Она што му треба на партнерот откако нешто ќе погрешите е да види дека навистина сте ја сфатиле грешката и сте спремни да преземете одговорност за неа. „Извини“ како за почеток, но и разговор и желба да ги решите проблемите – веднаш потоа. Но, кога наместо тоа вие, се појавувате со подарок во рака мислејќи дека така ќе ги избегнете, според вас, непотребните разговори и разглабања на проблемот, единствено што ќе постигнете е одложување на проблемите и уште поголем гнев и нервози.

Како очекувате да имате здрава и цврста врска кога мислите дека она што ќе го купите со пари ќе ги реши сите проблеми и ќе ја стиши цела врева? Бидејќи ќе го направи токму спротивното. За момент сѐ ќе биде пак добро, убаво и магично, но после некое време, кога проблемот повторно ќе исплива на површина, тој ќе се одрази, само со поголем интензитет. А што тогаш? Ќе купите поголем и повреден подарок? И до кога така? Подарувањето материјални работи нема никогаш да ги реши вашите проблеми, па наместо тоа, обидете се на партнерот да му подарите зрелост, одговорност и разговор.

Дали се пронајдовте?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар