6 интересни фитнес предлози за 2016 година

6 интересни фитнес предлози за 2016 година

Автор: Славко Дешиќ

Месец јануари полека изминува, а со него и новогодишните планови за диети, тренинзи, и цела палета нови навики кои би требало да го подобрат вашиот живот. И додека статистиката е очигледно против вашиот напредок, еве неколку интересни предлози кои ќе ви помогнат да влезете во форма на почетокот од оваа година.

(1) 6 интересни фитнес предлози за 2016 година

Водени од популарноста на овие предлози при крајот на изминатата година, очекуваме многу од нив да бидат вистински тренд во 2016. Листата вклучува фитнес предлози кои сосема се разликуваат едни од други, па се надеваме дека ќе можете да пронајдете барем еден кој ќе ви се допадне. Сосема доволно за здраво и фит тело во годината пред вас.

1. Daily Burn

Можеби не станува збор за новитет во вистинска смисла на зборот, но неодамнешните објавувања од тимот кој стои зад овој вид вежби велат дека популарноста доста се зголемила веднаш после божиќната сезона во САД. Моментално, на Daily Burn вежбаат над милион посетители, правејќи го еден од најпосетените веб-сајтови за фитнес.

Принципот е едноставен. За околу 12 долари месечно, во зависност од начинот на плаќање, корисниците имаат пристап до огромна библиотека на фитнес видеа кои се достапни преку секоја направа со интернет конекција. За разлика од традиционалните програми кои нудат само неколку видеа, ова е одличен начин да го изберете она што ви се допаѓа, и да продолжите подолго со вашата фитнес програма.

2. Cize

За разлика од претходната, тука станува збор за класична фитнес програма со 10-тина видеа и водич за исхрана. Но, она што ја прави токму оваа програма навистина интересна е фактот што станува збор за танцова рутина. Токму затоа овие вежби се моментално најпопуларната фитнес програма во САД. Наместо досадни повторливи движења, тие вклучуваат интересни и динамични танц рутини и секвенци.

Ритамот е различен при секое видео, а песните се современи и доста познати. Па така, ако сакате да се забавувате пред вашиот телевизор додека губите килограми танцувајќи, ова е можеби најдоброто решение во 2016. Погледнете ја и оваа смешна рецензија за Cize напишана од една девојка, која за потребите на веб-сајтот на својот свршеник одлучила да ја заврши целата програма и потоа да го пренесе до детали нејзиното искуство.

(2) 6 интересни фитнес предлози за 2016 година

3. Fit Bit

Како едни од моментално најпродаваните следачи на активност, овие нараквици нудат одлична можност да го следите и подобрите вашиот резултат, било тоа при трчање, скокање на јаже, возење велосипед итн. Некои од моделите ја следат и активноста при вашиот сон, па така можете да ги набљудувате вашите циклуси на спиење и да бидете секогаш свесни за тоа колку добар одмор сте успеале да постигнете.

Ако целта во 2016 ви е да бидете брутално искрени со себе, притоа знаејќи точно колку сте активни, оваа нараквица ќе ве поттикне да се надминете себеси. Совршено синхронизирана со истоимената апликација, таа ќе биде вашиот личен тренер за 2016.

4. 7 Minute Workout

За повеќето кои се запознаени со фитнес апликациите од изминатите години, оваа е веќе чуена. Но, станува збор за апликација која е одличен начин да го скратите времето поминато во вежбање. Станува збор за секвенци од вежби кои се изведуваат за помалку од седум минути. Апликацијата има бесплатна верзија, како и напредни нивоа на персонализација и избор.

Ако минатата година вежбањето ви претставуваше проблем поради немањето време, оваа апликација многу ќе ви помогне.

(3) 6 интересни фитнес предлози за 2016 година

5. Buff Dudes

Кога станува збор за фитнес, ова е еден од најпопуларните канали на Јутјуб за изминатата година. За оние кои посетуваат теретана или пак преферираат вежби со отпор, ова е неверојатно корисен канал каде може да се научи сè од правилно изведување безброј вежби и рутини наменети за одредени мускулни групи, до совети за исхрана.

Она што е особено интересно е дека момците од Buff Dudes (двајцата браќа кои стојат зад проектот) се доста харизматични и интересни во нивните предавања, па токму затоа и овој канал ќе ви стане место кое постојано го посетувате поради одличниот хумор. Советите важат како за момци така и за девојки, а нивниот бренд полека прераснува во движење.

Тие се и соодветен пример кога станува збор за врската помеѓу харизма, напорна работа, и огромна Јутјуб популарност.

6. Diet Bet

Ова е можеби најхрабриот потег да станете од софата и да облечете патики за трчање. Се работи за креирање групни натпревари каде секој кој учествува донира мала сума пари. Откако целта на натпреварот ќе се постави – најчесто станува збор за губење одреден број на килограми, натпреварот започнува и трае до договорената дата.

Оној кој ќе покаже најдобри резултати го добива облогот, со тоа и убава сума пари, а остатокот оди во хуманитарни цели. Безброј статии покажуваат дека кога имате пари на линијата, мотивацијата е поголема. Пробајте и уверете се самите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар