6 достигнувања во кариерата што треба да ги имате во 30-тите, 40-тите и 50-тите години
Многу компании, особено поголеми корпорации, практикуваат да поставуваат цели за вработените за три, шест или дванаесет месеци. На тој начин, вработениот се учи да ги приоритетизира работните задачи, но и да се труди да ги исполни, а за тоа и да добие соодветна награда. Некогаш, исто така, е добро самите да си ги поставуваме тие цели и на крајот на дадениот рок да направиме евалвација на успешно сработените задачи, но и разгледување на причините за евентуалните неуспешни потези.
Целите треба да бидат чекори кои работникот може да ги постигне постепено, додека да стигне до крајниот резултат предвиден со планот за работа. На овој начин, вработениот не само што постапува поодговорно со сопствените задачи, туку има и јасен и отворен поглед каде сето тоа треба да води. Затоа, разгледајте ги овие неколку идеи за како да напредувате во кариерата во вашите 30-ти, 40-ти и 50-ти години.
Во вашите 30-ти
Во средните 20-ти и раните 30-ти вие сте личност која штотуку го избрала патот на својата кариера и се искачувате по една скала, преку која ги согледувате сопствените квалитети и таленти, со надеж дека во следните 10-тина години ќе изградите доволна репутација како работник.
Бидете присутни и онлајн и офлајн
Вие сте генерација која следи статистики и создава стратегии за успешна работа. Тоа прави да бидете „програмирани“ дигитално, а во денешно време вашата професионална Интернет репутација е важна исто колку и реалната. Вашите 30-ти години треба да ги поминете во градење одлична кратка биографија, да присуствувате на настани поврзани со вашата професија и да добивате јасна визија каде сакате да бидете во следните 10 години. Пополнувајте го вашето резиме или ЛинкдИн профил со сите достигнувања во кариерата редовно, но не заборавајте и на вашето дејствување во офлајн-светот. Ширете познанства во областа на вашата работа, волонтирајте, организирајте настани и градете ја вашата репутација помеѓу колегите од сличните професии.
Зададете си предизвик за успех во иднината
Како што поминуваат годините, така парите стануваат сè поважни. Имајте план за штедење, за здравствено осигурување и заштита, за пензиски фондови, за подмирување на сите долгови, накратко, за целокупната финансиска состојба. Користете ги парите кои ги имате на располагање и не навлегувајте во непотребни задолжувања. Но, ако веќе мора, бидете редовни со отплаќањето на ратите од кредитот.
Во вашите 40-ти
За многумина професионалци, во 40-тите доаѓа моментот кога треба да балансирате меѓу семејството и кариерата и ниту еден од овие параметри не смее да биде запоставен. Но, бидејќи веќе имате доволно искуство, ќе знаете како со овие предизвици да се носите достојно и ментално и физички. Не губете го натпреварувачкиот дух, дури и кога се „мерите“ со младите луѓе кои сега започнуваат со градење на кариерата.
Збогатете го искуството со курсеви и обуки
Во 40-тите, согледајте ги сите промени кои настанале во вашата професија во текот на годините. Научете некои од нив и со тоа зацврстете ја својата позиција на професионалец кој не се плаши од нови предизвици.
Посетувајте трибини за лидери
Да се биде лидер не мора да значи и дека ќе имате менаџерска позиција. Вистинскиот лидер ќе дојде до израз дури и ако е на најниското ниво на систематизација на работните места. Дури и да мислите дека не сте родени за лидери, обидете се со посета на некоја трибина или лидерски самит на кои сигурно ќе научите нешто ново, што некогаш ќе можете и да го примените во вашата работа.
Во вашите 50-ти
Доаѓате во период во животот кога веќе вашето семејство е посамостојно, а патот кон ефективно поентирање во кариерата е сè појасен. Највозбудливите промени на професионално поле веќе поминале, а вие сте доволно искусни за да можете да се носите со секоја новонастаната ситуација. Сепак, имате и уште доволно време да се докажете и да останете запаметени по вашиот придонес за компанијата.
Стратегија за пензионирање
Пензионирањето е неизбежен момент, а наближувањето до тој ден не значи дека треба да доаѓате на работа само колку да помине времето. Треба да имате план и за своите пензионерски денови, бидејќи вашиот живот наеднаш ќе се промени. Сепак, кога ќе погледнете зад себе, ќе сфатите колку имате придонесено и за себе и за семејството и, секако, за фирмата во која работевте. А, лесно е да се сеќавате на успешната кариера од аспект на личност која уште е доволно витална да ужива во патувања и релаксирање, знаејќи дека го дала својот максимален придонес во општествениот живот во тек на работниот век.
Бидете некому ментор
Вашето искуство може да ве направи одличен учител на некој кој е почетник, исто како што бевте вие пред 20-тина години. Тоа може да биде член на вашето семејство или помлад колега, на кој ќе му пренесете дел од своето знаење. Всушност, нема подобра награда и признание за вашиот успешен професионален придонес, од тоа да бидете избрани на некого да му бидете ментор.
Прочитајте уште и што им е заеднично на сите успешни жени.