6 аксесоари кои секоја дама мора да ги има
Во светската мода аксесоарите се важни, исто колку и гардеробата што ја носите. Иако постои голема понуда на аксесоари кои може да ги изразат вашиот уникатен стил и карактер, постојат и стандардни модни додатоци кои секоја дама мора да ги поседува.
За оние девојки кои сакаат класични модели, издвоивме неколку модни додатоци кои треба да се најдат во нивната колекција. Моделите се едноставни и лесно се вклопуваат во секој стил. Нивната предност е што може да ги носите во повеќе сезони, а сепак да изгледате модерно и убаво.
1. Бисерен ѓердан
Бисерниот ѓердан е безвремен моден додаток кој никогаш нема да излезе од мода. Со него може да ја надополните која било дневна комбинација, особено кога не сте сигурни кој накит да го одберете. Ако ви се допаѓа овој класичен аксесоар, бидете подготвени да издвоите малку поголема сума пари, но затоа пак ќе можете да го носите со години.
2. Каиш во кафеава или црна боја
Овој моден додаток е задолжителен и кај жените, но и кај мажите. Може да го вклопите во елегантни парчиња, но одлично ќе изгледа и со најобичните фармерки. Без оглед каков е вашиот стил, каишите се одличен избор!
3. Кожна чанта
Едноставната кожна чанта е додаток кој мора да го поседувате. Чантата во неутрална боја одлично ќе се вклопи во најразлични комбинации. Изберете класична боја како што се бежот, кафеавата или црната.
4. Црни кожни ракавици
Добриот пар кожни ракавици е уште едно безвремено парче без кое не можеме да ги замислиме есенската и зимската сезона. Изгледаат потполно кул во комбинација со капут или мантил, бидејќи даваат доза елегантност.
5. Неутрален шал
Шалот во неутрална боја ќе ви стане омилен зимски моден додаток. Дури и ако ги следите најновите трендови, овој шал ќе се вклопи во секој од нив. Волнените и плетени шалови во кафеава, беж, сива или црна боја се исто така одлични аксесоари.
6. Очила за сонце
Спротивно на она што многумина го мислат, очилата за сонце се неопходен аксесоар во текот на целата година. Изберете неутрална нијанса, за да можете лесно да ги вклопите во секоја сезона. Имајте на ум дека вашиот облик на лицето е важен фактор во добриот избор на очила за сонце.