5 знаци дека сте премногу опседнати со слабеењето
Откривте нов режим на исхрана кој интересно, но можете да го следите и некако успеавте да се мотивирате да започнете со вежбање. Но, забележувате дека овој нов начин на живот почнува да влијае врз вашето секојдневно функционирање, па се прашувате дали можеби сте станале опседнати со губењето телесна тежина? Погледнете ги наредниве 5 знаци кои ќе ви откријат дали можеби претерувате со обидот да ослабете…
1. Водите повеќе од еден запис
Постојат многу нешта кои треба да се следат кога планирате да ослабете некое кило, како на пример, храната која ја јадете, водата која ја пиете, колку вежбате, што вели вагата за вашата тежина, кои мисли и емоции ви се појавуваат за храната, како и дали внесувате доволно хранливи материи како калциум, витамини…
Но, една тетратка ви е сосема доволна за сите овие нешта. И доколку целосно ја исполните, фрлете ја и почнете со нова. Информациите кои се запишани во неа се веќе застарени и нема потреба да се опседнувате со нив.
2. Ја проверувате вашата тежина пред и по сè
Без разлика дали станува збор за напорен тренинг или обилен оброк, вие се мерите на вага „пред и потоа“ со цел да видите дали сте изгубиле/качиле тежина. Но, зарем може да има големи варијации на тежината за само еден час? Размислете малку. Дури и да сте изгубиле неколку грама со вежбање, сигурно ќе ги надоместите со следниот оброк и обратно.
Ова укажува на очај и токму затоа имате потреба да видите намалена бројка со цел на момент да се излажете себеси и да се утешите. Но, кога таа бројка ќе се врати назад, што е сосема нормално за краток временски период, вие многу повеќе се разочарувате. Постои едно непишано правило кое вели дека доколку сакате да ослабете треба целосно да ја оттргнете вагата од вашата секојдневна рутина. Дајте си време и наместо секој ден, по неколку пати, мерете ја вашата тежина максимум еднаш во месецот.
3. Ја носите диетата со вас во кревет
Што размислувате кога ќе легнете да спиете? Дали вашите мисли патуваат назад низ денот, анализирајќи што сте јаделе, колку сте вежбале и што ќе правите следниот ден? Вие заспивате со оваа помисла и се будите со истата. Но, токму на овој начин се запаѓа во еден опсесивен круг од кој подоцна многу тешко се излегува.
Создадете си едно правило и обидувајте се да се придржувате до него. Без разлика на ситуацијата, секогаш кога ќе легнете во вашиот кревет фокусирајте се на одмарање и спиење (2 нешта кои исто така се многу важни за губење тежина). Стресот за тоа што сте го јаделе или што треба да го јадете следниот ден го зголемува кортизолот и другите хормони поврзани со анксиозноста и токму тоа може да доведе до дополнително зголемување на телесната тежина.
4. Го поминувате вашето слободно време читајќи за диети и други начини за слабеење
Опсесивното трагање по тајната на слабеењето може да ве одведе во сосема друга насока. Време е да научите да си верувате себеси и на вашите одлуки доколку сакате да го искористите максимумот од вашиот нов режим на исхрана и живеење. Дозволете си слободно време во кое ќе ги одморите вашите мисли, а со тоа и ќе се опуштите доволно и ќе му овозможите на вашето тело оптимално да функционира.
5. Споредување на вашата телесна тежина со тежината на другите луѓе
Колку повеќе размислувате за вашата тежина, толку повеќе се споредувате со другите. При ова споредување низ вашата глава поминуваат мисли како, „Тој/таа мора да се изгладнува. Не е ни здраво да се биде толку слаб!“ или пак, „Барем не сум толку дебел/а!“ Овие лоши мисли за луѓе кои можеби не ги ни познавате полека почнуваат да ви ги освојуваат вашите мисли и доколку не ги сопрете, несвесно ќе продолжите да анализирате дури и кога нема да сакате тоа да го правите.
Коренот на овој проблем лежи во прифаќањето на самите себе. Вие мора да научите како да се прифатите и потоа од таму да почнете да работите на изградбата на телото кое би сакале да го имате. Но, имајте на ум дека совршенството не постои, па треба да бидете малку флексибилни при оваа цел. Научете да го сакате вашето тело, да ги препознавате вашите недостатоци, но и да ги нагласувате вашите позитивни страни. Тоа е единствен начин на кој ќе научите да се почитувате доволно и да се поддржувате при изградбата на телото кое би сакале да го имате.
Трик за справување со опсесивните мисли за слабеење
За да се справите со оваа опседнатост со вашата тежина, потребно е да научите како да ја идентификувате кога ќе се појави и да станете свесни за неа. Откако ќе сфатите дека имате одредена опсесивна навика, без разлика дали станува збор за мисла или активност, дозволете си целосно да ја разберете. Гледајте се себеси додека тоа се случува и откријте ги вашите мисли, откријте зошто го правите тоа. Откако ќе добиете одговор на овие прашања, веќе сте еден чекор поблизу до разбирањето на опсесивните мисли и причината поради која тие се појавуваат. За ова е потребно храброст, но ние знаеме дека ја имате!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.