5 вежби за созревање на целосвесноста што ќе направат да се чувствувате подобро
Иако квалитетот на нашиот живот е значително подобар од оној на нашите предци, сепак ние сме понесреќни од нив. Овој феномен се нарекува хедонистичка адаптација – се навикнуваме на нови задоволства и нови извори на среќа, а притоа ги зголемуваме критериумите за она што може „вистински“ да нè усреќи. Парадоксот на современоста е тоа што дури и кога нашите животи стануваат подобри, ние сме сè понезадоволни. Во продолжение прочитајте ги нашите вежби за како да ја развиете целосвесноста и на тој начин да го подобрите вашето ментално здравје.
1. Практикувајте негативна визуализација
Негативна визуализација е кога намерно го замислувате вашиот живот полош отколку што навистина е. Ова може да се однесува на вашите семејни и пријателски врски, вашето здравје и нештата што ги поседувате. Замислете дека вашиот живот било како резултат на сообраќајна несреќа, земјотрес или банкрот можел да тргне наопаку, но ете тоа не се случило. Можеби откако ќе ја сфатите вредноста на тоа што го имате, ќе се почувствувате среќни и задоволни.
2. Пречките се неизбежни
Колку и да се обидуваме да ги избегнуваме, пречките се дел од нашето секојдневие, па така наместо да се плашиме или да бегаме од нов, подобро би било да ги прифатиме. Постои и друг метод наречен проективна визуализација кога замислувате дека на некој друг му се случуваат неуспесите што ви се случуваат вам. Ова не значи дека тоа што ви се случува вам му го посакувате на некој друг, туку едноставно на овој начин можете да се оддалечите од сопствената болка и да ја видите пообјективно, па и да се обидете да дадете конструктивно решение за проблемот.
3. Споделувајте ги вашите приказни
Ајде да бидеме искрени. Животот без предизвици и пречки може да биде навистина здодевен. Кога ќе наидете на некаква пречка или ќе ви се случи некаква несреќа, наместо да размислувате и обмислувате за тоа што ви се случило, подобро би било да го документирате. Иронијата лежи во тоа што од неуспесите и несреќите можат да се направат одлични приказни. Не заборавајте дека така се напишани и некои од најдобрите книги и филмски сценарија.
4. Повторно искусете ги вашите најсреќни моменти
Една од најдобрите медитации е да се сетите кога вие или некој од вашите најблиски сте биле среќни. Ова трае само неколку минути, но може значително да ви ја подобри менталната состојба. Изберете го среќниот момент и замислете го визуелно, а потоа пристапете кон она што го слушате и чувствувате вклучувајќи ги сите пет сетила.
5. Станете свесни за „последниот пат“
Вистината која не сакаме лесно да ја прифатиме е дека има „за последен пат“ за сè што правиме. Буквално за сè. Имајќи го ова на ум, дури и најобичните и најнепријатните задачи како чистење на бањата, заглавување во сообраќајниот метеж или фрлањето ѓубре, сепак можат да бидат значајни за вас. Забавете малку и пробајте за миг да уживате во нив. Секогаш можете да пронајдете начини како да го подобрите вашиот живот. Прашањето е дали и колку вистински го посакувате тоа.
Откако прочитавте кои се вежбите што ви ги препорачуваме за максимална сосредоточеност на сè околу вас, ви препорачуваме да го прочитате и разговорот со психологот Ирина Николовска за важноста на менталното здравје во модерниот свет.
Извор: themindsjournal.com