5 техники за справување со хаосот во вашата глава

5 техники за справување со хаосот во вашата глава

„Мирот не подразбира да се биде на место каде што нема бучава, неволја или тешка работа. Мирот подразбира да се биде среде сите овие нешта и сѐ уште да се биде со мирно срце.“

Дали некогаш чувствувате дека во главата имате хаос кој никако не можете да го смирите? Прегласна бучава која не сака да си оди и испреплетени мисли кои ви се мешаат, а никако не можете да ги одвоите. Во тие моменти не можете да направите ништо и се чувствувате потполно изгубени. Но дали сте забележале дека ова се случува само тогаш кога премногу размислувате за некоја работа? Преголемата оптовареност со проблемот кој го имате го заморува и непотребно го полни вашиот мозок со мисли кои со тек на време стануваат негативни и обесхрабрувачки. Со други зборови, колку повеќе размислувате за одредена работа, толку е поверојатно дека ќе се здобиете со негативен став за неа.

(1)-5-tehniki-za-spravuvanje-so-haosot-vo-vashata-glava-kafepauza.mk

Факт е дека е невозможно да престанете да размислувате и едноставно да се препуштите на работите такви какви што се. Но она што можете да го направите е да научите како да се справувате со хаосот во вашата глава кој го создаваат тие претерани мисли, а во тоа ќе ви помогнат следниве 5 техники.

1. Концентрирајте се на позитивните работи кај вас и околу вас

Позитивното размислување игра многу важна улога во животот на секој човек. Оптимизмот и верувањето знаат да отворат многу врати, а во краен случај, успешно да помогнат во справувањето со што и да ви се испречи на патот. Токму поради тоа, концентрирањето на позитивните нешта кои се наоѓаат насекаде околу вас е ефективен начин за справување со постоечкиот хаос во вашата глава. Ова значи дека целата енергија ќе ја насочите кон она што ве прави среќни, ве расположува и ве смее, што на крајот на денот ќе резултира со помирен дух и побистра глава.

2. Повторувајте си во себе смирувачки зборови

Проблемите и луѓето кои ви се вртат низ глава во комбинација со негативноста од околината околу вас, создаваат еден куп негативни мисли и чувства. Тие потоа се преточуваат во лоши зборови кои додека ви се во глава можат да имаат само лошо влијание врз вашите реакции. Но кога тие зборови би ги замениле со подобри, полека би успеале во целта да се доведете себеси до смирена состојба која ќе противречи на хаосот во вашата глава. Иако не е важно за кои зборови станува збор, од витална важност е зборовите да ве смируваат и освестуваат.

3. Медитирајте

Медитирањето е еден од најефективните начини за ослободување на умот. Наместо да се борите со хаосот во вашата глава, медитирајќи се носите себеси на место каде владеат мирот и тишината. Овој ефект може да го постигнете со која било друга метода која ви дава чувство на ослободеност и ум полн со тишина. Она што е важно е таа метода да обезбеди да се одморите од различните и нападни мисли, за потоа да може да сконцентрирате и да бидете продуктивни во останатиот дел од денот.

4. Живејте во моментот

Дозволувајќи му на хаосот да преовлада со вас, вие всушност заборавате да живеете. Преоптоварени сте со мисли за проблемите, нервозите и за незавршените обврски кои ве чекаат, што не ни обрнувате внимание на она што ви се случува во тој момент. Живеејќи во минатото и иднината, наместо во сегашноста, се изложувате себеси на депресија, анксиозност и стрес. Но кога сте присутни во секој момент од вашиот живот, вие сте тука за да ги искусите и убавите нешта кои ги нуди и конечно ќе успеете да го пронајдете мирот кој толку долго го барате.

5. Поврзете се со природата

Планинарењето е секогаш добра идеја. Чист воздух, физичка активност и големо задоволство кога ќе го достигнете врвот – овие три работи се огромен фактор во намалување на стресот. Едноставно спакувајте ранец со најпотребните работи и заминете на некое место во природа. Дишете, одморете, уживајте. Ова ќе ви помогне во наоѓање на тој внатрешен мир по кој копнее секој од нас и ќе ви помогне да увидите дека тој е резултат на поврзувањето со природата, а не со материјалните добра.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар