5 совети за да ги научите тинејџерите да го засакаат своето тело
Да се биде тинејџер не е воопшто лесно, со оглед на тоа дека тој е најчувствителниот период од животот. Тогаш се случуваат некои работи што не можат да се контролираат во целост. Меѓутоа, како родител, многу е важно да им дадете поддршка на децата во оваа фаза од животот и да бидете покрај нив во тешките мигови. За време на растењето, тинејџерите психички се борат со многу нешта и се многу несигурни особено кога станува збор за нивното тело.
За време на пубертетот телото доживува разни промени, и поради тоа некои тинејџери, посебно девојчиња, можат да се чувствуваат видливо чувствителни и несигурни. Ова може да биде, на пример, поради добивањето вишок килограми на што женските се посклони на почетокот на пубертетот. Речиси и да не постои тинејџерка што е задоволна од своето тело. За среќа, родителите се тие коишто можат да помогнат и позитивно да влијаат врз размислувањето на нивните деца.
Следниве 5 совети ќе ви бидат од помош при советувањето и подигнувањето на самодовербата кај тинејџерите.
1. Немојте да им ги порекнувате „проблемите“
Кога ќерка ви ќе ви се довери дека го мрази својот стомак, немојте да ѝ викате: „Прекини, гледаш дека си слаба“. Слушајте ја со сочувство. Објаснете ѝ дека нејзиното тело ќе продолжи да се менува уште неколку години, но дека целосно ќе се развие до 20-тата година. Ако забележите дека ги прескокнува оброците или премногу време поминува пред огледало испитувајќи го своето тело, обратете се кај лекар за општа пракса за помош.
2. Ублажете ги туѓите навредливи зборови
Кога некој од класот ќе ѝ каже на вашата ќерка дека има дебели колкови, мора да разберете дека таа е повредена и вознемирена. Пробајте да ја уверите во спротивното и речете ѝ: „Прекрасна си! Те сакам баш таква каква што си. Само игнорирај ги оние што ти даваат такви коментари.“ Ако и понатаму не може да ги исфрли навредливите зборови од глава, прашајте ја што можете да направите заедно за да се чувствува подобро. Погрижете се да носи облека што добро ѝ стои и во која се чувствува убаво. Помогнете ѝ да најде некоја физичка активност којашто ќе ѝ се допаѓа и ќе ѝ помогне да го засака сопственото тело.
3. Ограничете ги селфињата
Колку повеќе време вашите адолесцентки поминуваат во гледање фотографии од пријателите на Фејсбук толку понесигурно ќе се чувствуваат поради сопственото тело. Поттикнете го детето да ги користи социјалните мрежи за да објавува фотографии од своите рачни изработки или линкови од омилените песни наместо селфиња на кои позира. Бидете добар пример – ограничете го објавувањето на сопствените селфиња, како и времето кое вие го поминувате на социјалните мрежи.
4. Заедно гледајте ТВ
Гледајќи заедно серии, филмови и разни емисии, ви се укажува шанса да разговарате за социјалниот притисок под кои се тие за да изгледаат совршено. Истакнете колку време актерите трошат за да изгледаат совршено на ТВ-екраните, како и дека нивниот изглед често нема врска со тоа како изгледаат во реалноста и без шминка. Децата од сите страни се бомбардирани дека не се совршени. Родителите тоа може да го поправат учејќи ги дека сите тела се различни и убави, и поради тоа се подеднакво вредни за прифаќање.
5. Обрнете внимание и на момчињата
Момчињата во пубертетот поретко сакаат да бидат послаби, а почесто сакаат торзо во облик на буквата „V“, мускулести рамена и затегнат струк. Спротивно од девојчињата, момчињата често се чувствуваат несигурни бидејќи мислат дека се премногу слаби, дури и кога имаат нормална телесна тежина. Поради стереотипите дека несигурностa поради сопственото тело е само женски проблем, момчињата многу поретко разговараат на таа тема со нивните родители. Внимавајте на тоа колку вежба вашиот син и избегнувајте да се „шегувате“ дека тој мора да ги зајакне мускулите.
Дознајте кои се 5-те причини зошто не треба да им викате на децата.