Неколку ситуации во кои секогаш треба да се држите цврсто до вашите одлуки
Секој од нас повеќепати се нашол во ситуација да им угодува на другите. Ни се случува да правиме нешта за другите кои не сакаме да ги правиме, да прифаќаме мислења во кои самите не веруваме и да дозволуваме кон нас да се однесуваат неправедно, само за да не предизвикаме несакани реакции. Ја жртвуваме нашата среќа за некој друг да биде среќен. А всушност така никој не е среќен.
Иако на прв поглед може да ви се чини мудро тоа што го правите за другите луѓе, сепак постојат одредени ситуации кога треба да се грижите само за вас и вашите потреби.
1. Кога страствено верувате во нешто
Тешко е да слушате кога некој зборува против она во кое вие верувате. Сепак, тоа често се случува, затоа што не сакате да направите непријатна сцена или затоа што верувате дека нема ништо да промените доколку не се сложите. Сепак, кога во нешто страствено верувате, на другите треба да им дадете до знаење зошто се држите до тие идеали. Можеби нема да промените ничие мислење, но сигурно разговорот ќе го насочите во друг правец.
2. Кога имате јасна цел
Сигурно често се наоѓате во ситуација кога некому правите услуга која се коси со целта кон која се стремите. Вашиот прв инстинкт е да помогнете на другите и иако тоа е благородно, сепак може да ве оддалечи од нештата кои ви се важни во животот. Никогаш не откажувајте се од нештата кои навистина ви значат и кои ве прават среќни. Понекогаш мора да им кажете „не“ на другите, за себеси да си кажете „да“ и да останете на вистинскиот пат кон остварувањето на вашите цели.
3. Кога некој ве вознемирува
Вознемирувањето е вообичаено наекаде и секогаш кога некој ќе биде одлучен дека треба нешто да направите или ве наведува како да размислувате, вие станувате жртва на вознемирување. Тоа секако предизвикува голема штета на вашата емоционална состојба. Мора да научите да се борите за себе, но и за другите, со укажување на таквото однесување за да не дозволите најгласната и најупорната личност да го контролира исходот од секоја ситуација.
4. Кога се работи за вашето време
Времето е едно од највредните нешта кои ги поседувате, но тоа не е бесконечен ресурс и не може да се врати откако еднаш ќе го подарите на друг. Времето е важно за да ги завршите сите зацртани цели кои ви значат. Тоа ви е потребно и за луѓето кои ви се најважни во животот. Немојте да мислите дека имате премногу време. Користете го внимателно и знајте дека е сосема во ред ако сакате да го заштитите.
5. Кога треба да поставите граници
Некои луѓе едноставно не ги разбираат границите до каде можат да одат и што е за една личност прифатливо, а што не. Но, многу е важно на луѓето да им дадете до знаење кои се вашите лични граници. Кога имате јасна слика за вашите граници, тогаш ви е полесно да застанете цврсто зад вашите одлуки и да ги отфрлите негативните влијанија.