5 работи кои треба да ги направите за да најдете вистинска љубов
Во денешно време, наоѓањето вистинска љубов се чини како недостижна цел. Многумина веруваат дека колку повеќе се обидуваме да ја најдеме, толку поголеми се шансите да ја пропуштиме. Иако не постојат сигурни методи кои би можеле да ни помогнат да ја пронајдеме вистинската љубов, науката покажува дека постојат одредени критериуми кои мора да бидат исполнети пред да се случи тоа. Ова се 5-те работи кои мора да ги направите за да најдете вистинска љубов каква што заслужувате…
1. Прифатете се себеси онакви какви што сте
Многу луѓе обожаваат да се критикуваат себеси поради тежината, изгледот, навиките, карактерот и слично. Овие негативни мисли можат да ве убедат дека не заслужувате вистинска љубов. Првиот чекор на патот кон вистинската љубов ќе го направите кога ќе научите да се сакате себеси онакви какви што сте. Нормално дека сите сакаме да подобриме нешто кај себе, но не ги заборавајте и вашите позитивни страни. Позитивните афирмации можат многу да ви помогнат по ова прашање. Напишете неколку позитивни реченици за вас од типот „Јас сум прекрасна личност и однадвор и однатре“. Секое утро повторувајте ги овие реченици и со текот на времето ќе почнете да верувате во нив. Доколку имате околу 20 години а сѐ уште не сте се заљубиле, дајте си малку време. Тоа ќе се случи кога најмалку очекувате. Но, доколку веќе сте имале неколку сериозни врски, но не сте ја пронашле вистинската љубов можеби треба да се соочите со некои проблеми од минатото.
2. Соочете се со проблемите што сте ги имале во минатите врски
Сите сакаме да ги оставиме тешките врски зад нас, но ако ги проучиме подобро можеби ќе откриеме каде лежел проблемот. Бидете искрени самите со себе и добро размислете зошто се распаднала вашата најлоша љубовна врска. Дали сте имале проблеми со комуникацијата, довербата, слободата? Дали партнерот го извлекувал најлошото од вас наместо најдоброто? Обидете се да откриете кои проблеми се повторувале во повеќето ваши врски и размислете кои биле причините за нив. Дали лесно станувате љубоморни, или, пак не знаете како да кажете што ви пречи? Ако ги препознаете вашите грешки во љубовта, ќе знаете како да не ги повторувате повеќе. Запаметете дека некои проблеми мора да се решат со заеднички труд. Доколку вашиот партнер не сака да работи на решавање на проблемите, тој или таа веројатно не се најдобриот избор за вас.
3. Простете им на вашите поранешни партнери
Можеби ова ви се чини како невозможна мисија, но на тој начин ќе се ослободите од товарот и ќе се почувствувате емоционално подготвени да продолжите понатаму. Во зависност од случајот можеби ќе посакате директно да поразговарате со некои од вашите бивши, да им напишете порака, или, пак, простувањето да го направите само во вашата глава. Без оглед на тоа дали разговорот е вистински или замислен, преземете одговорност за вашите грешки, но не си го припишувајте раскинувањето само на себе. Бидете свесни за грешките на партнерот, но простете ги. Простувањето не значи дека дозволувате повторно да бидете повредени. Слободно можете да простите некому без да го обновите пријателството или врската.
4. Дознајте преку кои работи не можете да преминете
Сите ние имаме замисла за тоа како треба да изгледа нашиот совршен партнер, но доколку бараме некој кој ги исполнува апсолутно сите критериуми, можеме да ја испуштиме личноста која совршено ни одговара. Експертите советуваат да го направите следново: Напишете детален опис на тоа каков треба да биде вашиот идеален партнер. Обрнете внимание на деталите и наведете ги сите можни информации како што се висина, боја на коса, интереси и карактерни особини. Потоа тргнете ја листата на страна неколку дена, пред повторно да ја погледнете.
Наредната фаза се состои од два дела. Погледнете го секој критериум што сте го навеле во описот на вашиот совршен партнер и запрашајте се дали попрво би останале сами отколку да бидете со некој кој не го исполнува наведениот критериум. Доколку одговорот е „не“ прецртајте го тоа. Ако одговорите потврдно, оставете го на листата. Откако ќе завршите со тоа, поминете ја листата уште еднаш. Овој пат, за секој критериум запрашајте се дали би го оставиле потенцијалниот партнер доколку ги поседува сите други наведени квалитети, освен тој што е доведен до прашање. Доколку одговорите потврдно, оставете го на листата. Во спротивно, прецртајте го.
Она што ќе ви остане се квалитетите кои апсолутно мора да ги поседува вашиот партнер. Престанете да барате некој кој ќе ги исполнува сите ваши критериуми, и барајте ја вистинската љубов со некој кој одговара на вашата листа.
5. Научете како да велите „Да“
Без разлика дали верувате во виша сила, универзум, карма или нешто сосема друго, треба да имате верба и да ги прифаќате можностите што ви се нудат. Наместо автоматски да покажувате страв и сомнеж, почнете да се отворате кон нови искуства. Почнете хоби што отсекогаш сте сакале да го пробате, заминете на непланирано патување сами или со вашите пријатели. Активниот и динамичен живот не само што ќе ви ги зголеми шансите да најдете вистинска љубов туку и ќе ве претвори во интересна и инспиративна личност со исполнет живот.
Не постои магична формула што гарантира наоѓање на вистинската љубов. Наместо тоа, научете да се сакате себеси, простете му на вашето минато, дознајте кои квалитети навистина треба да ги поседува вашиот партнер и на тој начин ќе бидете способни да ја препознаете вистинската личност за вас кога ќе се појави.