5 работи кои никогаш не треба да ги кажувате пред вашиот шеф

5 работи кои никогаш не треба да ги кажувате пред вашиот шеф

Успехот во кариерата е нешто што им е важно на сите луѓе. Сакаме да сме способни и подготвени, да успееме во своите замисли и да ги постигнеме своите цели, а кога нешто навистина сакаме, тогаш веројатно ќе работиме за тоа со целото срце и душа. Но една од многуте работи кои може да ни се испречат на патот, а која има неверојатно важна улога, е непрофесионалноста. Поради неа луѓето нема да нѐ сфатат сериозно, па имајќи лошо мислење ќе размислат два пати пред да се вклучат во некаков работен однос со нас или уште повеќе, дали да го задржат постоечкиот.

Со цел успешно да ги избегнете ваквите ситуации, внимавајте на следниве 5 работи кои се препорачува да не ги кажувате и правите пред вашиот шеф.

(1)-5-raboti-koi-nikogash-ne-treba-da-gi-kazhuvate-pred-vashiot-shef-kafepauza.mk

1. „Ова не е моја работа“

Доколку сакате да напредувате во својата работа, тогаш кажувањето нешта како Ова не е моја работа и не се баш така добра идеја. Без разлика дали станува збор за работно место во државна институција или приватна компанија, како вработено лице ќе добивате и задачи кои не секогаш ќе спаѓаат во описот на вашето работно место.

Иако не треба да дозволите да ве искористуваат и вие да ги извршувате и туѓите задачи, веројатно некогаш ќе треба да го направите тоа. Но позитивното тука е што на тој начин ќе му покажете на својот шеф дека имате желба за работење, дека сте тимски играч и дека не ви пречат плус работни задачи само поради тоа што не се ваша работа, а тоа е позитивен додаток кон успешна кариера.

2. „______ е идиот“

На сите нас ни се случуваат моменти кога сме премногу гневни на некој колега или дури и на шефот. Навистина, не постои вработен човек кој не поминал низ такво искуство. Во тие моменти ни доаѓа да се откажеме и притоа, знаеме да кажеме работи кои се целосно несоодветни.

Во налети на лутина, често се наоѓаме во ситуација кога зборувајќи со друг колега за проблемот, ја навредуваме личноста која нѐ налутила. Не размислувајќи колку непрофесионално звучиме во тие моменти, се доведуваме себеси во позиција луѓето да го сменат мислењето за нас на полошо. Постои веројатност и шефот многу брзо да слушне за тоа што сте го рекле само бидејќи во краток момент на нервоза не сте успеале да се воздржите. Иако имате проблеми со некого, постојат повеќе начини како да ги решите. Именувајќи ја таа личност со секакви имиња пред другите колеги или пред самиот шеф не е меѓу нив.

3. Правите гримаси

Детски е и целосно непрофесионално од ваша страна да правите гримаси. Сакате да успеете во професионалниот свет и да ве почитуваат, но правењето гримаси ќе ве претстави во сосема поинакво светло. Наместо сериозни, ќе делувате како дете на кое не му купиле сладолед; наместо посветени и смели, ќе претставите слика на личност која не ја цени својата работа.

Никој не вели дека треба да се согласувате со сите и со сето она што тие го прават и се случува, но правењето гримаси нема да ви помогне дури и кога мислите дека никој не ве гледа. Бидете професионални и исфрлете ја оваа навика од вашето секојдневие.

4. „Ќе се задржам повеќе на работа, повторно!“

Е па, животот не е совршен. Некогаш ќе имате помалку работа, а некогаш ќе имате повеќе. Не е лесно и сигурно не е убаво чувството кога повторно треба да останете на работа и после завршување на работно време, но што можете да направите? Работата мора да се заврши.

Можеби состанокот се одложил за подоцна или имате итна и важна задача која мора да се изработи што побрзо. И колку и да сте нервозни и/или лути во тие моменти, коментирањето работи од типот на повторно треба да останам до подоцна на работа нема да ви помогнат. Наместо да се жалите на ваков индиректен начин, може да се обидете да разговарате со шефот ако работата ви е пренапорна. Но никако кога сте нервозни. Завршете ја работата и покажете му на вашиот шеф дека сте способни да дадете и повеќе од себе кога тоа се бара од вас, а следниот ден, откако убаво ќе размислите со ладна глава, решете го проблемот на професионално ниво.

5. „Се обидов еднаш така, но не функционира“

А дали навистина е тешко да се обидете уште еднаш? Или барем да се воздржите од коментирање на вакви работи? Верувајте дека вашиот шеф нема да го цени фактот што се правите паметни, бидејќи токму така ќе делувате. Уште повеќе, ќе делува како да не сте способни да се справите со ситуацијата и соодветно да си ја завршите работата. А секогаш може да се обидете со поинаков пристап кој ќе оди во ваша корист.

Така, наместо веднаш да одите кај шефот и да му кажете дека не функционира, обидете се да најдете можно решение, па пристапете му со подготвен предлог. Дури и веќе да сте се обиделе со некои од работите кои тој ќе ги предложи, вака ќе имате прилика да му покажете дека иако тие не функционирале, вие неуморно размислувате за тоа како да го решите проблемот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар