5 причини зошто е добро да останете сингл за време на празниците
Сите од вашето друштво имаат партнери и веќе испланирале каде ќе ја поминат новогодишната ноќ и божиќните празници. Вие сте загрижени бидејќи сѐ уште немате ниту планови, ниту личност со која би можеле да го поминете најубавиот период од годината. Но, не грижете се. Тоа што сте сингл има свои придобивки и позитивни страни. Освен тоа што ќе имате време за себе, постојат и други причини зошто е подобро да останете сингл за време на празниците…
1. Ќе имате доволно време за вашето семејство
Кога би имале партнер, сигурно би морале дел од времето да поминете и со неговото семејство, што знае да биде доста непријатно. Но, кога сте сингл целото време можете слободно да го поминете со вашето семејство и со луѓето што ви се драги. Нема да морате да ги трпите здодевните и напорни тетки на вашиот партнер, туку ќе бидете опкружени само со луѓе што ги сакате и ви значат.
2. Нема да мора да изигрувате посредници
Луѓето што се во подолга врска обично го запознаваат партнерот со родителите и семејството, а тоа може да биде многу стресно и непријатно. Доколку сте сингл нема да морате да изигрувате посредници и да се грижите дали татко ви ќе го преплаши саканиот или дали тој ќе тресне некоја глупост пред сите. Нема да има потреба да ја смирувате ситуацијата доколку нештата тргнат наопаку или да ја прекинувате непријатната тишина.
3. Ќе можете да ги поминете празниците како што сакате
Вашите пријатели кои имаат партнер сигурно не одлучиле сами каде ќе одат за празниците и што ќе прават. Веројатно морале да поминат низ еден куп компромиси и караници за на крајот да донесат заедничка одлука која никому не е целосно по волја. Погодете што? Вие не мора да поминувате низ истото! Можете да правите буквално што сакате. Можете да славите дома, да отидете на некоја забава, ресторан, да отпатувате некаде… Можностите се бесконечни!
4. Можете да флертувате колку што сакате
Со доаѓањето на празниците, се зголемува бројот на забавите и прославите. Тоа значи дека повеќе ќе се дружите со пријателите и ќе запознавате многу нови луѓе. Кога сте сингл можете навистина да уживате и целосно да се препуштите на забавата. Никој нема да ви мери колку чашки сте испиле или дали сте ја погледнале згодната девојка којашто танцува неверојатно. Искористете ја убавината на сингл животот и флертувајте колку што можете повеќе!
5. Нема да мора да купувате подароци
Празниците подразбираат и размена на подароци. Луѓето во врска ќе бидат во потрага по совршениот подарок за нивниот партнер, а вие, бидејќи сте сингл, ќе размислувате како да ги искористите парите што ќе ги заштедите. Заљубените парови ќе си ги потрошат парите на некој бескорисен подарок што можеби и нема да му се допадне на партнерот. Вие, пак, ќе можете да ги искористите заштедените пари за да се почестите себеси и да си купите нешто што ќе ве направи среќни.
Љубовните парови се изложени на голем притисок за време на празниците, но вие нема да имате никаков проблем со тоа. Бидете горди на вашиот сингл статус и уживајте во вашата независност.