5 правила за невестите кои сакаат да носат патики на својата венчавка
Бројот на невестите кои се одлучуваат за патики на својата венчавка се зголемува, особено во текот на пролетните и летните венчавки кога тие можат слободно да уживаат во удобноста на платнените патики. Но, исто како и кај чевлите со високи потпетици, така и овде постојат некои правила, па доколку сакате да изгледате беспрекорно, прочитајте ги следниве 5 совети.
1. Изберете соодветна големина
Доколку невестата планира да се пресоблече од високи потпетици во удобни патики, наш совет е да избере патики еден број поголем од оној што обично го носи. Причината за тоа е што честопати после целодневното носење високи потпетици, ногата може да отече. Уште еден мал трик е да ставите во патиките анатомска влошка, која е малку пополна, па тие ќе станат поудобни и тогаш танцувањето до зори ви е гарантирано.
2. Бојата на патиките треба да биде идентична со бојата на венчаницата (или букетот)
Никогаш нема да погрешите со изборот на патики во нежни пастелни нијанси како што се бојата на слонова коска или крем доколку вашата венчаница не е во снежно бела боја. Исто така, стилски совршено ќе се вклопи и ако додадете детаљ во боја на венчавката или букетот, на пример сатенски врвки или панделка. Освен тоа што на фотографиите ќе имате совршено совпаднати бои на сите модни додатоци, исто така на тој начин ќе додадете и сопствен печат на вашиот изглед.
3. Помалку е повеќе
Со рачно изработените патики, дизајнирани според фантазијата, само небото ќе ви биде граница, но иако имате слобода да изберете што ќе посакате, ви препорачуваме тоа да бидат модели со чипка, а најефективни ќе бидат патиките кои имаат од еден до два уникатни детали. Честопати се случува невестите да не можат да се одлучат што точно сакаат, па на крај сакаат сѐ. Наша препорака е доколку одлучите да ставите натписи од бочните страни, тогаш нема потреба да ставате и цртежи на двете пети, или пак доколку сакате некој цитат, тогаш изберете некој краток или половина цитат испишете на десната, а половина на левата патика. Исто така, ако во фокусот е раскошна панделка од чипка, дозволете ѝ таа да биде ѕвездата и немојте да го одвлекувате вниманието од неа на непотребните дополнителни детали.
4. Навремено одлучете се за вашиот модел
Имајте ги нарачано вашите патики неколку месеци пред големиот ден. Немојте да го правите тоа во последен момент. Понекогаш ателјеата кои изработуваат патики за невести создаваат само неколку модели, а поради лимитираните материјали, вашите желби може и да не се исполнат.
5. Бидете поразлични од другите
Класиката е сигурен избор и со неа никогаш нема да погрешите, но сепак постојат невести кои не се плашат да облечат атипични патики во силни бои, шарени дезени или рачно отсликани цртежи кои со нив нешто посебно претставуваат. За оние похрабрите и посмелите невести препорачуваме оваа сезона да изберат силна нијанса на розови патики со чипка.
За младите невести: 5 клучни совети за избор на совршената венчаница!