5 нешта за кои на крајот од денот никогаш не треба да жалите

5 нешта за кои на крајот од денот никогаш не треба да жалите

Дали кога легнувате да спиете се чувствувате исполнето и смирено знаејќи дека денес сте направиле еден чекор понапред кон она што е важно во вашиот живот или пак, повторно жалите за нешто што не сте направиле?

5 нешта за кои на крајот од денот никогаш не треба да жалите

Животот е како река, во него многу е тешко да одржувате една позиција – или се движите напред или назад. Доколку не вложуваме свесен напор во остварувањето на нашите цели, животот секојдневно ќе нè води низ својот тек. Токму затоа станете свесни за своите цели и не дозволувајте на крајот од денот повторно да жалите за…

Тоа што повторно чекате до утре

Проблемот лежи во тоа што секогаш мислите дека имате повеќе време одoшто навистина имaтe. Но, еден ден ќе се разбудите и веќе нема да имате време за сите оние нешта кои отсекогаш сте сакале да ги правите. И во тој момент зад себе ќе имате или постигнати цели или листа на изговори. Токму затоа ако нешто ви е важно, започнете го уште денес!

Тоа што не сте ризикувале и направиле напредок

Животот е ризик. Секоја одлука, секоја интеракција, секој чекор, дури и секое утринско станување од кревет во себе содржат мали ризици. Да се живее животот значи да се преземаат овие ризици и да се верува во себе додека се прави тоа. Доколку не можете да станете од вашиот кревет, држејќи се до илузијата дека таму сте сигурни, вие воопшто не го ни живеете вашиот живот. Подобро е да имате живот кој е исполнет со мали грешки од кои сте научиле нешто, отколку целиот живот да ви е исполнет со жалење за оние нешта кои никогаш не сте ги ни пробале.

Тоа што сте ѝ се спротивставувале на реалноста, наместо да ја прифатите и да работите на неа

Секој ден е изграден од безброј мали избори. Доколку се борите за работа која не ја сакате, а ја гледате како начин на отплаќање кредит, одржување на својата фамилија или негување на своите соништа тогаш немојте да создавате отпор против неа. Едноставно прифатете ја ситуацијата бидејќи во овој момент и покрај тоа што не сте задоволни со неа, таа ви овозможува да постигнете нешто друго кое ви е потребно. Или пак, доколку сте во врска која ви создава болка, не заборавајте дека вие сте избрале да останете во неа. Можеби таа врска ќе ви помогне да пораснете и подлабоко да ја сфатите љубовта, а можеби и не. Но, вие сте оние кои одбирате дали да останете таму или да ставите крај, во овој момент. Бидете сигурни во својот избор, бидејќи тој е изворот на вашата сила.

Тоа што сте биле лути

Лутината најчесто се јавува тогаш кога луѓето веруваат дека некој нешто им должи. Опростувањето, од друга страна, е карактеристична за оние луѓе кои имаат доволно самодоверба да застанат на своите нозе и да продолжат понатаму. Но, за кој било да може да продолжи со својот живот, мора да знае точно што чувствува со цел да се избори со овие емоции. Вие треба да си простите на себе и да му дозволите на минатото да остане онаму каде што му е местото – во минатото.

Тоа што сте изгубиле многу време во обидите да им се допаднете на сите

Немојте сè да сфаќате лично, бидејќи луѓето најчесто ги прават работите само поради себе. Вие не можете да го промените начинот на кој луѓето се однесуваат кон вас ниту пак можете да го промените начинот на кој зборуваат за вас. Она што можете да го промените е начинот на кој реагирате на овие нешта. Најпрво опкружете се со оние луѓе кои позитивно влијаат на вас, а потоа потсетете се дека не сте сами. Трошете го вашето време на она што вам ви е важно, а не на градењето на маската која ја носите секој пат кога ќе излезете од вашиот дом.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар