5 нешта што ќе ги научите откако ќе се вселите заедно со вашиот вереник
Заедничкото живеење е еден од најголемите чекори во љубовната врска. Ако размислите подобро, ќе сфатите дека тој е поголем дури и од стапувањето во брак. Во истиот момент штом се вселите заедно со вашиот вереник, вашите животи целосно ќе се променат. Дали оваа промена ќе тргне на добро или на лошо зависи само од вас. Па, во продолжение прочитајте точно што ве очекува по вселувањето, и колку е важно трпението за вашата врска да може да опстане.
1. Ќе дознаете дека двајцата имате различна дефиниција за „чисто“
Без разлика дали сте најпедантните луѓе на планетата или пак, сте од оние што обожаваат да живеат во хаос, ќе ви бидат потребни само неколку дена за да откриете дека и двајцата имате сосема различна дефиниција за тоа што значи вашиот стан да биде чист. Сигурни сме дека и двајцата ќе сакате да се стремите кон одржување на чистотијата на домот, но ако тој сака да ги става нечистите чинии во машина за садови веднаш по јадењето, а вие сакате прво да си полежите за прво да ви „слегне јадењето“, а потоа да средите – тогаш без сомнение ќе имате проблем.
Во овој случај, многу е важно да бидете трпеливи, отворено да разговарате со вашиот партнер и да најдете заедничко решение што ќе биде прифатливо и за двајцата. На пример, ако нечистите садови навистина му пречат, договорете се тој да ги средува веднаш по јадењето, а за возврат, вие преземете ги сите обврски околу машината за алишта. Компромиси секогаш постојат, на вас останува да бидете доволно зрели за да ги најдете.
2. Ќе дознаете дека понекогаш токму ситниците се оние што се најважни
Додека сте биле дечко и девојка, сигурно сте „паѓале“ на големите романтични гестови. Тоа е сосема разбирливо, бидејќи во оваа фаза тоа е најсигурниот начин за покажување на емоциите. Исто така да бидеме реални, сите девојки сакаат да се чувствуваат посакувано, без разлика на начинот што е потребен за да се активира ова чувство. Имајќи го тоа на ум, откако ќе се вселите и ќе поминувате 24 часа под истиот покрив, токму малите нешта се оние што имаат најголемо влијание на вашата врска.
Со други зборови, неочекуваната прегратка, бакнежот пред излегување за работа, „Те сакам“ пред заспивањето… сите овие нешта можат да го разиграат вашето срце повеќе од кој било голем гест. Скапите подароци, големите патувања и љубовните изјави во јавноста целосно ја губат својата значајност кога имате можност секоја вечер да заспивате во прегратката на саканите.
3. Ќе дознаете дека станувате поцврсти заедно
Да, веридбата веќе ве направила цврсти „ние“, но тоа нема да смени ништо во однос на вашата перцепција кон врската. Дури откако ќе се вселите заедно ќе забележите дека многу почесто зборувате за самите себе во множина и дека вие двајцата како пар, станувате сè посинхронизирани и пофункционални во заедничките обврски и настани. Од друга страна пак, комуникацијата ќе ви еволуира до тој степен што понекогаш нема да ви бидат потребни зборови за да се разберете точно како се чувствувате.
Тука е добро да се знае и дека не смеете да дозволите целосно да се претопите во вашиот вереник, бидејќи ако сакате да имате здрава врска мора да ја задржите и својата индивидуалност. Задржете ги најблиските пријатели до вас, одвојувајте време за родителите, браќата и сестрите… не е целиот живот околу вашата љубов, и иако треба да му дадете приоритет на вереникот, добро е да имате и живот надвор од вашата врска.
4. Ќе дознаете дека секогаш ќе има мали (или поголеми) недоразбирања
Да бидеме искрени, фазата „меден месец“ брзо поминува. Кога тоа ќе се случи, вие ќе се најдете во ситуација кога ќе мора да се соочите со реалноста и за прв пат ќе ги видите нештата онака како што навистина се. Тешко е да се живее сам со себе, но уште потешко е да се дели секој буден момент со друга личност, без разлика колку сте компатибилни. Затоа е многу важно секојдневно да зборувате и да бидете искрени за сè. Особено ако ви се појави некаков проблем – клучно е веднаш да разговарате за него затоа што ако го тргнете настрана, тој со текот на времето ќе се зголемува сè додека еден ден не пукне и се претвори во нешто скоро нерешливо.
Целта на успешниот заеднички живот е да најдете неутрална средина каде што ќе се чувствувате безбедно да ги споделувате сите ваши мисли. Ова ќе ви помогне да имате смирени разговори за проблемите наместо бесцелни караници од кои и двете страни секогаш излегуваат повредени. Иако не можете целосно да ги избегнете расправиите, на овој начин ќе ги сведете на самиот минимум.
5. Ќе дознаете дека живеењето заедно е најдобрата одлука што некогаш сте ја донеле
Вие секојдневно ќе се будите покрај вашата најомилена личност на планетата! Зарем има нешто подобро од тоа? Исто така ќе поминувате и многу време заедно, и ќе сфатите дека некои од најтешките домашни или работни обврски сега ги завршувате полесно бидејќи имате силна поддршка и голема љубов.
Сепак имајте на ум дека ниту една врска не е совршена. Вие ќе се соочувате со многу подеми и падови, но лесно ќе ги надминувате затоа што знаете точно што ви е важно – да бидете со личноста која ја љубите со целото срце. А нема ништо подобро од тоа.
Сè уште не живеете заедно? Прочитајте ги и овие 20 причини зошто треба што побрзо да се вселите со својот партнер!