5 непишани правила за пријателките
Без разлика колку долго се дружите и колку често се гледате, постојат 5 непишани правила за пријателките кои не смеат да бидат прекршени. Еве што значи да се биде вистински пријател.
1. Без осудување, само безусловна љубов
Никој не сака пријател кој ќе го гледа надмено и ќе ги осудува неговите постапки и размислувања. Секако, не треба да се согласувате за секоја работа во животот, но кога ви треба рамо за плачење, поддршка или едноставно некој кој ќе ве ислуша, тука е пријателката која не треба да осудува и треба да проба да нè разбере дури и тогаш кога не се согласува со некоја наша одлука.
2. Секогаш кажувај ја вистината, дури и кога е сурова
Тогаш кога мислите дека не тргнува по вистинскиот пат или дека прави грешка, вие, како нејзина најдобра пријателка имате обврска да ѝ ја кажете вистината, дури и ако е сурова. Истото ќе сакате таа да го стори за вас. Некогаш кога сме заслепени од моменталните случувања и не гледаме објективно, најдобриот пријател треба да ни ја „плесне“ вистината во лице и да нè освести. Секако, кажувањето на вистината е задолжително во гардеробер пред да купи ново парче облека.
3. Запомнете, пријателството не е натпревар
Нека не ви паѓа на памет да се споредувате со најдобрата пријателка. Токму тогаш зависта го напаѓа пријателството. Радувајте се за нејзините успеси, кренете чаша и наздравете. Тоа е она што најдобрите пријатели го прават.
4. Прифатете ги луѓето кои ги одбира во животот
Дури и да не ви се допаѓа нејзиниот партнер, ќе се обидете да го прифатите, да се здружите, да ги најдете неговите позитивни страни. Секако, ова не важи доколку ја третира лошо, но сè додека ја сака, почитува и го дава својот живот за неа, вие сте должни да го прифатите. Тука спаѓа и нејзиното семејство, бидејќи доколку сте верни пријателки долго време и вие сте дел од него.
5. Едноставно бидете тука за неа, без оглед на сè
Животот знае да биде непредвидлив и тежок. Раскинувања, губење на работата, неуспеси, разочарувања. Токму тогаш настапува најдобрата пријателка, ќе преплива седум мориња и ќе прелета седум гори и планини, и тука е за да даде утеха и рамо за плачење.