5 начини на кои несвесно се однесувате понижувачки кон менталните нарушувања

5 начини на кои несвесно се однесувате понижувачки кон менталните нарушувања

Последиците од долгогодишното стигматизирање на менталните нарушувања тешко можат да се искоренат преку ноќ. Некои веруваат дека сето тоа е последица на индивидуалниот карактер, што воопшто не е точно. На тој начин успеваат да ги одвратат од намерата да побараат помош дури и оние кои се свесни дека им е потребна. За жал, оваа стигма е многу навлезена во личните и општествените ставови.

5 начини на кои несвесно се однесувате понижувачки кон менталните нарушувања

Дури и оние кои имаат најдобри намери, често не умеат соодветно да искажат сочувство и емпатија за луѓето кои страдаат од некое ментално нарушување. Дури и некои секојдневни навики и однесувања може да влијаат негативно, а на следниве особено треба да се обрне внимание:

1. Расфрлање со поими како „депресија“ и „опсесивно-компулсивно нарушување“

Понекогаш нешто ќе нè направи тажни и нерасположени, па велиме дека поради тоа сме депресивни. Во друг случај, кога сакате да искажете колку ви е важна организираноста, велите дека имате опсесивно-компулсивно нарушување. Ниту еден од овие начини не е соодветен за искажување на вашата состојба, бидејќи ги тривијализирате реалните ментални проблеми.

Прв чекор во надминување на грешките е да внимавате на начинот на кој се изразувате. Да, се случува некој настан да ви го промени расположението, па дури и да ве смени како личност, но најдобро е да научите како правилно да ги користите поимите кои опишуваат некакво ментално нарушување.

2. Сметате дека зад секој инцидент стои ментална болест

Кога ќе чуете дека некаде во светот се случил масовен напад или повеќекратно убиство, ви доаѓа инстинктивно да го припишете тоа на ментално нарушување? Треба да се ослободите и од ова верување. Многу почесто лицата кои имаат нарушено ментално здравје се жртви на насилство и криминал, а премал е процентот на такви кои извршиле некое злосторство.

3. Лесно велите за некого дека е „психопат“ или „луд“

Овие фрази ги користиме кога некој ќе направи нешто погрешно или непромислено, што ни дава сосема неточна идеја дека треба да се плашиме или да ги засрамуваме оние кои имаат реален ментален проблем. Ваквите коментари се навистина груби и несоодветни, колку и да ви се чини дека се безопасни. На овој начин покажувате дека немате никакви познавања за тоа што значи некој да страда од ментално нарушување.

4. Етикетирате луѓе врз основа на нивната ментална состојба

Дали на некој кој е болен од рак би се шегувале со него поради болеста? Сигурно не. Исто е и кога се во прашање менталните нарушувања. Сега, сетете се колку пати некого погрешно сте етикетирале поради некои причини. Наместо да речете „шизофреничар“ или „биполарен“, подобро е да кажете „личност која страда од шизофренија“ или „личност со биполарно растројство“. На овој начин успевате да покажете дека не страдате од стигми и стереотипи.

5. Судите некому поради неговото однесување

Кога ќе забележите дека некој манифестира нетипично однесување, запрашајте се дали можеби има некаков проблем или нарушување, наместо да го исмевате. Често се случува луѓето кои имаат некакво растројство да прават нешто што е надвор од границите на нормалното, а со тоа да бидат и предмет на шега. На овој начин, им испраќаме порака дека треба да се срамат од својата состојба и дека се смешни поради нивното нарушено здравје. Ваквото однесување мора веднаш да се надмине, со помош на контрола на реакциите што ги имаме кога околу нас е присутно лице со ментално нарушување.

Во елиминирањето на стереотипите и предрасудите треба да учествуваме сите, на тој начин што најпрво ќе почнеме да се менуваме самите ние. Ако слушнете дека некој ги користи менталните нарушувања во негативен, потсмевачки или погрешен контекст, не двоумете се да ги коригирате. Дајте до знаење дека сте свесни за таквите појави и бидете личност која никогаш не дискриминира некого поради нарушената ментална состојба.

Погледнете кои 5 физички активности се одлични за вашето ментално здравје.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар