5 начини како да го надминете стравот од јавен настап
Наближува моментот кога ќе треба да го одржите вашиот говор или да го презентирате вашиот проект. Дланките ви се потат, главата ви е на сите можни страни, чувствувате толкава несигурност што стравувате дека ќе го заборавите она што треба да го кажете. Ви звучи познато?
Како прво, не грижете се, не сте единствени. Речиси секој се соочува со помал или поголем страв пред некаков настап. Дури и светски познатите политичари може да почувствуваат трема пред некој говор, а на вашите идоли од музичкиот свет, неретко ќе им се затресат колената пред настап. Позитивната страна на ваквиот страв е тоа што нè тера да се подготвиме многу добро и да вложиме повеќе труд. Негативната е тоа што поради тремата може да го заборавите текстот, да се збуните и да изгледате неподготвени иако поседувате големи способности.
Ова се 5 начини кои ќе ви помогнат да го надминете ваквиот страв.
1. Подгответе се добро
Без разлика дали станува збор за устен испит или презентација пред важни клиенти, клучно е да бидете добро подготвени. Кога сте вложиле труд во вашиот говор ќе имате повеќе самодоверба бидејќи многу добро знаете за што зборувате. Актерите го учат сценариото напамет, политичарите добро се подготвуваат пред секој јавен говор. Никој нема вродена способност магично да се тренира пред јавните настапи.
Најважно е вашиот говор или проект да го сработите добро, уредно да го организирате со вовед, главен дел и заклучок, а секој параграф да се состои од по неколку важни точки кои ќе ве водат. Ваквата организација пожелно е да ја запишете на ливче. Може и воопшто да не погледнете во белешките, но со самото тоа што ги имате пред себе ќе бидете посигурни во себе. Дури и да се збуните, без паника, погледнете која точка е следна и продолжете понатаму. Нема зошто да се плашите, вие знаете што зборувате. Вие сте се подготвиле за ова.
2. Вежбајте
Вежбајте го вашиот говор пред огледало. Обрнете внимание на вашите гестови и на начинот на кој се движите. Пожелно е да вежбате и пред вашето семејство или пријателите за пообјективно да ве насочат кон она што ви е послаба страна.
3. Визуелизирајте
Одвојте 10-15 минути и сместете се на удобно место каде никој нема да ве вознемирува. Затворете ги очите и дишете длабоко. Замислете го вашиот настап, сцената, публиката. Фокусирајте се на позитивниот исход. Како ќе се чувствувате кога ќе завршите со говорот?
Повторувајте си себеси дека сте успешни личности и потсетете се дека сте надминале и многу поголеми стравови и предизвици во животот. Можеби звучи како самите да си го перете мозокот, но всушност не се лажете само треба да се потсетите на она што е вистина. Би се изненадиле колкав е бројот на луѓето кои го применуваат овој метод.
4. Соочете се со вашите стравови и бидете самоуверени
Обично нашите стравови од јавен настап се сведуваат на две нешта: страв од реакцијата на публиката и страв да не се посрамотиме.
Сите ние сме луѓе, нормално е да чувствуваме некоја несигурност, но храбро исправете се пред таквото чувство. Што е најлошото што може да ви се случи? Ако го заборавите текстот ги имате своите белешки, поврзете ги нештата, важно е да не престанете со зборување. Ако се доведете во непријатна ситуација, земете воздух, напијте се вода, направете некоја мала шега или интеракција со публиката. Не е воопшто страшно, им се случило на многумина. Работите се онолку сериозни и опасни колку што ние самите ќе дозволиме да бидат.
5. Последни подготовки
На ваквите настани секогаш со себе понесете шише вода. Стравот и тремата ќе предизвикаат вашата уста да се суши. Земете и чоколада или енергетски бар. Шеќерот ќе ве подигне и ќе ви даде енергија. Облечете се лесно и одберете облека која нема да открива доколку почнете да се потите. Важно е да бидете сигурни во себе и во тоа како изгледате. Доколку во текот на вашата презентација постојано мислите како изгледа вашата облека, се фокусирате на сосема погрешна работа и ќе си го одвлечете вниманието од она што навистина е важно.
Не е возможно да воспоставите целосна контрола врз вашите мисли и емоции, но со сигурност може да најдете начини да си помогнете себеси.
„Чекорете низ стравот со верба. Никогаш не дозволувајте стравот од неуспех да стане причина за неуспех.“ – Том Ландри, фудбалер и тренер
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.