5 начини да бидете вистински среќни, фокусирајќи се на вашата животна мисија
Познат е фактот дека ако се фокусираме на целите и ја визуализираме нашата победа, тоа е тајната на успехот, така!? Но, што ако вие не ја чувствувате таа страсна возбуда после секоја ваша победа? Што да сторите ако успехот прави да се чувствувате празно или несреќно и имате чувство дека пропуштате нешто друго многу поважно? Можеби дури чувствувате и доза на вина што не се чувствувате посреќни, кога толку убави нешта ви се случуваат во животот?!
Познатиот психолог Џим Тејлор има работено со многу успешни спортски професионалци, кои честопати се чувствувале неспокојно, отсутно, па дури и депримирано и покрај тоа што имаат постигнато безброј успеси, прекрасни семејства, многу пријатели и социјални збиднувања. Можеби, исто како и овие успешни луѓе, ни вие не знаете како да бидете среќни со животот којшто го имате?
Доколку во вашиот мозок честопати ви се вртат мисли од типот: „Ќе бидам среќен/среќна, кога ќе се случи тоа…“ или „Не сум доволен/доволна со тоа што сум“, веројатно треба да продолжите да читате. Првата мисла ве ориентира кон поставувањето нови цели, наместо да се фокусирате на контролата на вашите емоции, како резултат на што чувствувате постојан стрес кој секојдневно ја разјадува вашата среќа. Од друга страна, со мислата дека што и да правите не е доволно, се буди вашиот внатрешен критичар, кој се обидува да ја ослаби вашата среќа и прави да го прескокнете важниот чекор на прославување на вашите победи – чекор којшто го поддржува успехот и позитивната енергија.
Доколку премногу се фокусирате на остварувањето на вашите цели, тоа може да ве оттргне од посветувањето на вашата поголема животна мисија. Доколку си ја поставите вашата животна мисија, ќе се чувствувате поздрави, посреќни и поуспешни во сè што правите.
Ако го читате ова, веројатно и вие се прашувате како да ги реализирате вашите цели и соништа и воедно да бидете среќни со вашиот живот? Прочитајте ги овие 5 едноставни чекори, кои ќе ве одведат до вистинска среќа.
1. Креирајте ритуали коишто ќе ве потсетуваат на вашата животна мисија
Ако се фокусирате на вашите основни вредности и долгорочното животно патување, помалите цели ќе имаат помала моќ да управуваат со вашиот ум. Гледајте некоја фотографија или повторувајте си некоја мантра за да се приземјите и да се потсетите на најважните работи во вашиот живот.
2. Запрашајте се себеси: „Кој/а сакам да бидам?“
Прашањето каква личност вие сакате да бидете, е многу поважно од тоа што би сакале да ви се случи или што би требало и би било пожелно да направите. Што е тоа што ве прави навистина среќни? Кои се вашите стремежи? Која е вашата идеална верзија од себеси? Ова се вистинските прашања, коишто треба честопати да си ги поставувате себеси.
3. Радувајте им се на малите победи и напредок
Истражувањата покажуваат дека можете да ја поттикнете длабоката среќа по којашто копнеете и да ја подобрите вашата мотивација и резултати, со тоа што нема да престанете да чекорите напред и ќе правите постојан прогрес, без разлика колку и да е тој мал и навидум безначаен.
4. Бидете нежни и добри кон себеси
Вдишете и издишете воздух, додека си кажувате: „Јас имам сè, јас сум доволен/доволна“. Повторувајте го ова без прекин. Ставете си потсетник ако треба во вашиот мобилен телефон и ваквата мантра, нека стане составен дел од вашата секојдневна рутина.
5. Разведрете се!
Дозволете му на детето во вас да најде повеќе причини за смеа и забава во текот на животот. Со позитивната енергија, можете да откриете и нови перспективи од вашиот карактер кои ќе ве изненадат. Ведрината и игривоста, дефинитивно ќе ја поддржат и вашата креативност и перформанс.
Да, верувајте дека е возможно да научите како да бидете поприсутни во сегашноста, да бидете повнимателни, повеќе да се забавувате и да ги достигнете вашите најголеми животни цели, со насмевка и на вашето лице, и во вашата душа. Исто како и за сè друго во животот, потребно е само да имате желба, намера, акција, повторување и многу љубов.
Откријте и кои 10 хобија кои ќе ве направат посреќни.