5 начини да ги поддржите вашите пријатели кои не можат да најдат работа
По дипломирањето, младите се соочуваат со поголема одговорност, адаптирање кон животот на возрасните, а и потреба од поголема финансиска самостојност. Но, не можат сите веднаш да пронајдат работа, или пак наоѓаат некои работни позиции кои се слабо платени. Така, личностите кои подолг период остануваат дома чувствуваат поголем притисок, а понекогаш се и депресивни.
Ако и вие сте во ваква состојба, сигурно многу добро ги сфаќате овие чувства, но доколку во ова ги пронаоѓате вашите пријатели, треба да се обидете да ги разберете и да им бидете поддршка. Бидејќи вие не сте во нивната кожа за да знаете како точно се чувствуваат, погледнете ги овие совети кои ќе ви помогнат да ги утешите кога се чувствуваат несреќно.
1. Пронајдете бесплатни начини да поминувате повеќе време заедно
Кога сте вработени и имате редовни месечни примања, најверојатно можете да си дозволите да истрошите повеќе пари кога сте излезени, но, тоа не е толку едноставно за вашите невработени пријатели. Затоа, за да не ги ставите во незгодна ситуација, подобро е да изберете места каде што нема да треба да трошите пари, а сепак ќе можете непрекинато да разговарате. Па, најдобро е да отидете во парк, да шетате заедно и слично. Исто така внимавајте да не претерате со плаќање на пијалакот на вашите пријатели, затоа што тоа може да биде непријатно за нив.
2. Научете како да зборувате за вашата работа
Кога главната разлика помеѓу вас и вашите пријатели е работата, тогаш споделувањето на вашите искуства и достигнувања со вашите невработени пријатели, може да биде малку незгодно. Добро е да ги споделите своите успеси и радости со нив, но внимавајте со тоа да не ги повредите, а за таа цел анализирајте го нивното однесување. Ако ви се чини дека ситуацијата станува непријатна, тогаш променете ја темата.
3. Охрабрете ги вашите пријатели кога одат на интервју за работа
Кога некој сѐ уште е во потрага по работа, интервјуто е од голема важност за него. Поддржете ги вашите пријатели така што ќе им посакате среќа, а веднаш по завршувањето на интервјуто јавете им се и прашајте ги како поминале. Со тоа што ќе покажете дека сте заинтересирани, вие ќе направите тие да чувствуваат дека се сакани и дека имаат поддршка од вас, што им дава повеќе доверба и им покажува дека не се сами.
4. Кога ќе дознаете дека некаде има слободна работна позиција, веднаш јавете им се на вашите пријатели
Уште еден прекрасен начин да им покажете на вашите невработени пријатели дека ги поддржувате е да разговарате со нив за секоја слободна работна позиција која ќе ја пронајдете. Ако вашите пријатели веќе подолго време бараат работа, тие по одреден период почнуваат да ги гледаат сите работни позиции на ист начин, па понекогаш може да пропуштат и добри можности. Затоа, помогнете им така што ќе им испратите некои информации за слободните места кои ќе ги пронајдете.
5. Не дозволувајте им да се откажат
Исто така при одреден период поминат во барање работа, вашите пријатели може да станат безнадежни и да се откажат. По неколку поминати интервјуа и сепак ниту една позитивна вест, тие може да чувствуваат дека за нив никаде нема место. Но, ваша работа е да ги потсетите дека не се сами. Само со вашето присуство вие можете да направите голема разлика. Покажете им на вашите пријатели дека животот е вреден да се живее, дури и без работа, која ќе се појави порано или подоцна. Потсетете ги дека работата не ги дефинира нивните карактерни особини. Иако таа е од особено значење во човековиот живот, пријателството е уште поважно, па затоа, бидете секогаш до вашите најдраги личности кога сте им најмногу потребни!
Прочитајте и што се подразбира под паметното барање работа.