5 митови и вистини поврзани со сезонските алергии
Автор: Бојана Мандевска
Пролет! Сѐ цвета и раззеленува. Свежиот мирис на цвеќињата е толку нежен и пријатен, дрвата расцутеа, на пазарите сѐ повеќе и повеќе е застапен свеж зеленчук и свежо овошје. Со нетрпение чекавте да помине ладната зима за да може повеќе време да поминувате во прошетки низ природа, да се ослободите од зимската облека и да јадете посвежа храна.
Сè навидум е убаво, но оваа пролет нешто се случи со вас. Веќе неколку дена кивате, очите ви солзат, се борите за здив, јазикот ви е црвен, ни пудра не ви помага во сокривањето на подочниците околу очите. Бевте на лекар, подлегнавте на безброј испитувања и крајниот резултат беше алергија? Сега се прашувате како ќе продолжите понатаму, дали има лек? Не паничете, веќе сме 21 век кога медицината е толку напредна и секојдневно сме сведоци на нови изуми, лекови, сѐ со цел да се подобри здравјето на луѓето.
Одвојте неколку минути за да се запознаете со основните елементи на алергиите, неколку митови и вистини поврзани со нив, кои ќе ви бидат од голема корист.
Алергија е преосетливост на организмот кон некои супстанци, додека пак алергиската реакција е одговор на имуниот систем на организмот кон внесените алергиски супстанци. Носечките супстанци (алергени), кои предизвикуваат алергиска реакција може да бидат: храна, полен, микро-крлeжи, делови од тело на животните, отров од инсектите и многу други. Постојат многу видови алергии и голем број нивни причинители. Ова се 5 најзастапени митови/прашања поврзани со алергиите и вистините за нив.
Мит: Јадењето мед може да ги спречи или излекува сезонските алергии?
Овој мит потекнува најверојатно од размислувањето кое постои кај луѓето дека во медот има минимални количини полен. Доколку во текот на годината се внесува секојдневно мед ќе се смали сензитивноста на организмот од полен и ќе се излекува сезонската алергија. Вистината е дека стварно во медот има одредено количество полен, кое пчелите го собираат од растенијата. Проблемот е во тоа што поленот кој предизвикува алергии, што првенствено го има во дрвјата, тревите и плевелта, не е од растенијата кои пчелите ги користат за производство на мед. Но, доколку сте љубител на медот, алергијата не треба да биде причина која ќе ве спречи во уживањето на неговиот вкус.
Мит: Возрасните не можат да се „разболат“ од алергија
Вистината е дека и возрасните може да се „разболат“ од алергија. Тоа што сте возрасни не значи дека не може да бидете подложни на антитела кои ќе ви предизвикаат алергиска реакција. Нивото на антителата „IgE“, предизвикувачи на алергии, во организмот на човекот со текот на годините почнува да опаѓа, но тоа не значи дека не постои можност за појава на алергија во повозрасните години. Доколку се појави алергија, тоа значи дека извесен период организмот бил изложен на некој алерген.
Мит: Цветните растенија се најголемите причинители на алергија
Вистината е дека цвеќињата како розите и лилјаните поседуваат т.н. тежок полен, односно полен кој потешко се пренесува бидејќи луѓето не се во близок секојдневен контакт со нив. За разлика од цвеќињата кои ги споменавме, постојат други растенија кои поседуваат т.н. лесен полен и тие се „виновниците“ за појавата и развојот на алергиите. Растенијата содржатели на лесен полен се дрвјата, плевелот, тревите кои што ги има насекаде околу нас. Поленот од овие растенија се пренесува многу лесно особено преку ветерот.
Мит: Алергиите не претставуваат сериозен здравствен проблем
Вистината е дека алергијата не преставува едноставна моментална непријатност. Тие се состојба на која ѝ треба соодветен лекарски третман. Можна е појава на одредени здравствени компликации доколку не се третира алергијата. Компликациите се појавуваат во вид на кашлица, астма, главоболка, прекини во вечерното спиење и дневна поспаност, омалаксаност. Постои можност од појава на синуситис.
Мит: Земањето лекарства е единствениот начин за борба против алергиските симптоми
Вистина е дека земањето лекарства ги ублажува и намалува алергиските симптоми. Но, во поново време е измислен нов начин на лекување на пациентите преку процес на имунотерапија. За пациентите кои консумираат поголемо количество на медикаменти, се предлага замена на апчињата за алергија со имунотерапија. Имунотерапијата е процес кој трае неколку години, но во голем процент ги намалува и лекува алергиите. Посоветувајте со вашиот лекар и доколку постои можност, заменете ги лекарствата со имунотерапија.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.