5 лекции кои можеме да ги научиме од тешката животна приказна на актерот Кијану Ривс
Кијану Ривс е актер кој е најпознат по улогата на Нео во трилогијата „Матрикс“. Неговиот пат до славата бил многу тежок и тоа сигурно е најтешката улога која некогаш ја одиграл. Загубил личности кои му биле многу блиски, загубил и сè што поседувал, за потоа пак да се издигне до врвот. Ова се пет лекции кои сите можеме да ги научиме од неговата животна приказна.
1. Тешката сегашност не го дефинира остатокот од животот
Кијану Ривс е роден во Бејрут, Либан, и само три години подоцна го загубил својот татко кој бил фатен како препродава хероин и морал да оди во затвор. Оттогаш тој живеел со мајка му и сестрите. Патувал со нив низ целиот свет затоа што мајка му постојано ги менувала работните места како костимограф. Не бил добар ученик во училиште поради дислексијата, но затоа му одело со спортот и глумата. Бил добар хокејар, но тешка повреда го спречила да се занимава сериозно со тоа. Потоа почнал поинтензивно да се бави со глума и покрај тешките услови во кои живеело неговото семејство. Во тој момент имал нестабилен живот, не можел да се занимава со сè што сакал да се занимава, но неговиот пат кон славата и подобар живот веќе бил започнат. Имал тешка сегашност, но таа не го дефинирала остатокот од неговиот живот.
2. Помагањето е повредно од богатството
Кога имал 22 години Кијану се преселил во Лос Анџелес и ја започнал успешната кариера поради која денес го познаваме и поради која можеме да видиме колку важна работа е дарежливоста. Тој бргу стигнал до високите хонорари во Холивуд, но не тргнал во расипничко трошење. Напротив, за него кружат сосема поинакви муабети. Наводно по третото продолжение на Матрикс тој имал заработено вкупно 110 милиони долари, а дури 75 милиони од нив им ги подарил на тимот задолжен за специјални ефекти и костимографите затоа што биле многу заслужни за неговиот успех. Дел од парите отишле на Харли Дејвидсон за секој од нив.
Исто така, има донирано огромни суми за добротворни организации кои се борат против ракот, за правата на животните и за болните деца. Има основано и сопствена фондација која соработува со детски болници за деца заболени од рак. Очигледно дека не заборавил каков бил неговиот претходен живот и сфатил дека давањето е големо богатство.
3. Во животот нека ве води страста, а не парите
Кијану Ривс секогаш ги работел работите од страст, без парите да му бидат примарен мотив. Тој одбил милионски хонорари да глуми во два филмови покрај Роберт Де Ниро и Ал Пачино затоа што сакал да го игра ликот на Хамлет во театар. Баш во исто време добил можност за тоа од еден театар во Винипег, Канада. Таа улога ја одиграл толку страсно и добро, што добил извонредни критики за улогата. Се разбира, понекогаш страста носи пари, но кога веќе морал да бира, тој одбрал да си го направи ќејфот и да ја одигра улогата која сонувал да ја одигра.
4. Ќе загубите некои блиски луѓе, но мора да продолжите со животот
Откако уште од рана возраст бил одвоен од татко му, подоцна во животот го загубил и својот најдобар пријател, актерот Ривер Феникс. Потоа дошле подобри денови, кога се вљубил во актерката Џенифер Сајм со која се венчал и заедно очекувале дете. Трагедиите во неговиот живот се вратиле кога детето се родило мртво. Не можејќи да ја поднесат ситуацијата тие двајца се развеле, а набргу потоа таа загинала во сообраќајна несреќа која самата ја предизвикала користејќи премногу антидепресиви. За сите овие луѓе кои му фалат тој во едно интервју има изјавено:
„Ми фали тоа да бидам дел од нивниот живот и тие од мојот. Се прашувам каква би ми била сегашноста да беа овде, што сè би можеле да направиме заедно. Ми недостигаат сите убави работи кои никогаш нема да се случат. Но, не сакам да избегам од животот, знам колку тој може да биде убав.“
Понекогаш ќе искусите големи загуби во животот, но среде очајот треба да се сетите на убавите работи кои можат да се случуваат и да не се откажувате заради нив.
5. Бидете оптимисти
Покрај сите лоши работи кои му се случиле во животот, Кијану Ривс останува позитивен благодарение на убавите работи кои се случувале во меѓувреме. Можеби сте почнале лошо, сте претрпеле загуби на блиски луѓе, но знаете дека во меѓувреме имало и убави моменти и затоа вреди да се борите за подобри денови. Животната приказна на Кијану Ривс е доказ за тоа. Тој вели:
„Позитивната енергија носи убави чувства, а негативната носи штета. Но деструкцијата за време на негативна енергија е суптилен аспект на создавањето, како кога една шума ќе изгори во пожар и тоа си има свои предности. Понекогаш непријателот ти е најголемиот учител, луѓето можат да учат од своите грешки, а уништувањето понекогаш значи препород.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.