5 лаги кои ги кажуваме на нашиот доктор, а не би требало
Во поголемиот број случаи пациентите не планираат навистина да го излажат докторот, туку тоа го доживуваат како разубавување на вистината бидејќи не сакаат да се засрамат или докторот да стекне лошо мислење за нив. Но, тие навидум ситни лаги може да имаат големо влијание на нашето здравје и затоа секогаш би требало да бидеме искрени со нашиот лекар. Погледнете кои се 5-те најголеми лаги кои сите сме ги кажале на нашиот доктор барем еднаш, а не требало…
1. „Се хранам правилно“
Луѓето кои имаат проблеми со дијабетес, висок холестерол и вишок килограми често тврдат дека не се хранат нездраво и дека не им е јасно зошто резултатите им се и понатаму лоши или зошто не намалуваат тежина. Дури и кога резултатите го кажуваат спротивното, многу пациенти и понатаму тврдат дека не внесуваат заситени масти и рафиниран шеќер. Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека многу е важно да се каже вистината ако се работи за висок холестерол или која било друга хронична болест која бара промена на исхраната.
2. „Ретко консумирам алкохол“
Луѓето кои велат дека месечно пијат по неколку чаши вино или пиво, таа количина алкохол всушност ја пијат во текот на еден ден. Ако резултатите за црниот дроб не се добри, а лицето негира дека често консумира алкохол тоа може да доведе до непотребни компликации, бидејќи многу лекови не смеат да се земаат во комбинација со алкохол.
3. „Ги немам тие симптоми“ или „Ги имам сите симптоми“
Онколозите неретко се среќаваат со случаи во кои пациентот не сака да каже дека чувствува одредени несакани последици на лечењето бидејќи се плашат дека докторот ќе го прекине третманот. Но, докторите најчесто нема да го прекинат лечењето туку само ќе го прилагодат на пациентот или ќе преминат на друг начин на лечење, исто толку ефективен. Од друга страна, пак, некои пациенти обично оние повозрасните, се плашат дека лекарот нема да ги сфати сериозно ако не претераат со симптомите, односно сметаат дека нема да добијат доволно внимание од докторот ако не ја преувеличат ситуацијата што може да доведе до погрешна дијагноза.
4. „Редовно ги земам лековите“
Кога докторот ги прашува пациентите дали го земаат лекот онака како што им е припишано, поголемиот дел автоматски ќе одговорат потврдно. Но, со понатамошно испрашување ќе се открие дека понекогаш забораваат да го земат лекот навечер или дека не стигнале да отидат во аптека по нова доза од истиот. Или, пак, цел месец воопшто не го земале туку повторно почнале да го земаат ден пред да отидат на доктор. Лекарот тогаш може да заклучи дека лекот не делува, па непотребно да препише нов, појак лек, а можеби дури и да препорача операција.
5. „Секогаш имам секс со заштита“
Ова е една од најчестите лаги која гинеколозите ја слушаат од нивните сексуално активни пациенти кои немаат постојан партнер, без оглед на годините. Користењето презервативи е многу важно бидејќи тој штити од сексуално преносливи инфекции, несакана бременост, ХИВ и болести поврзани со ХПВ како рак на грлото на матката. Средовечните жени кои повторно станале сексуално активни особено знаат да бидат ноншалантни кога станува збор за користење кондом, најмногу поради тоа што не мора да се грижат дека ќе останат бремени. Меѓутоа, според статистичките податоци сексуално преносливите болести се во пораст кај луѓе од сите возрасти. Поточно, во последните две години случаите на кламидија пораснале за 2,8%, а на сифилис за 15%.
Бидете внимателни и немојте да го лажете вашиот доктор без разлика на тоа колку ви е непријатно. Ако ја кажете вистината ќе се поштедите себеси од многу непотребни компликации и значително ќе заштедите на време и дополнителни прегледи.