5 грешки кои ги прават невестите кога е во прашање шминката
Време е за ударната сезона на венчавки и со самото тоа радосен период за многубројни идни невести. Меѓутоа, додека венчаницата и чевлите се испробуваат и купуваат месеци однапред, без оглед на пробното шминкање, сè до последен момент нешто може да тргне на лошо. Сетете се само на многубројните фотографии на кои невестата изгледа чудно, премногу нашминкано, постаро или пак на вратот ѝ се познава портокалов премин од пудрата, а на образите гордо сјаат две крукчиња руменило… За жал, многу шминкери мислат дека свадбениот изглед мора да вклучува тешка шминка, но вие слушајте го вашето лице и своето огледало и обидете се да ги избегнете овие класични грешки.
1. Заборавете на „кречот“
„Шминката мора да стои цела ноќ“, честопати кажуваат шминкерите и ставаат тонови пудра на лицето на кутрите невести. Ако вие сакате да нанесувате многу пудра, тогаш е во ред, во спротивно ве советуваме да пронајдете добра пудра која ќе го изедначи тенот и ќе ја матира кожата, но нема да се топи, размачкува, ниту да се впикува во брчките и на тој начин да ви додаде плус 5 години.
2. Пудра околу очите
Кога ќе се насмеете (а ќе се смеете многу), на сите фотографии ќе ви се забележуваат брчките околу очите доколку ги намачкате со дебел слој пудра. За подочниците нека биде заслужен кремастиот коректор, а малку хајлајтер на врвот од јаболкниците ќе ја одбива светлината и на тој начин ќе ги направите брчките невидливи.
3. Предолги трепки
Ако имате ситни очи, дали мислите дека ви се потребни најдолгите вештачки трепки? Огромните пластични трепки на сите изгледаат смешно и го одвраќаат погледот од очите и убавите црти на лицето. Изберете природни вештачки трепки кои само ќе ги потполнат вашите и ќе им дадат на должина, без никој да го забележи тоа.
4. Премногу оцртани усни
Сите знаеме дека тоа го прави Кајли Џенер, а и многубројните Јутјуберки. Сепак, вас ќе ве гледаат стотина луѓе одблизу цел ден и цела ноќ, па цртата која ќе излегува од работ на усните ќе изгледа само смешно.
5. Претерување со руменилото
„Невестата мора да изгледа свежо“, е уште една популарна реченица на професионалните шминкери. Се сложуваме, но тоа не значи дека на образите треба да натрупате премногу розово или портокалово руменило, или уште полошо, темен бронзер. Запомнете го ова правило – руменилото не треба да биде првата работа што ќе „падне“ во очи кога некој ќе ве погледне.