5 глупави грешки на интервју за работа за кои со сигурност ќе зажалите
Постојат многу начини на кои можеме да направиме грешка на интервјуто за работа. Некои од нив се поради неискуство, некои поради ниска самодоверба, а некои дури може да настанат и поради едноставно недоразбирање. Дел од овие грешки можат да се простат, особено ако сте на самиот почеток во барањето работа, но постојат и неколку глупави грешки кои можат само да ви наштетат. Погледнете дел од нив…
1. Заборавање за која работа сте аплицирале
Понекогаш се случува млада личност да аплицира на стотици места кои се во нејзиното поле или интереси, па доколку и вие сте го направиле тоа, тогаш обидете се да ги запишете сите места за кои сте аплицирале. Не мораме да ви кажеме колку непријатно би се чувствувале доколку ги помешате работните позиции или пак, доколку воопшто не знаете за каква работа сте аплицирале. Но, најлошо од сè е што ова однесување веднаш ќе ве исфрли од листата на кандидати за работата.
2. Безобразно однесување или поставување преголеми барања
Знаете како велат, вие никогаш не добивате втора шанса да оставите прв впечаток. Токму затоа е клучно да сте фини, професионални и културни на интервјуто за работа. Без разлика со кого комуницирате и дали оваа личност прв пат ја гледате или ја познавате со години, вие мора да се покажете во вашето најдобро светло доколку сакате да бидете сфатени сериозно. Никогаш не знаете кој ја донесува крајната одлука, па токму затоа би било уште подобро и ако кон сите се однесувате подеднакво. Без разлика на нивниот пол, националност, боја на кожа… Од друга страна пак, обидете се да се држите до одговорите на прашањата кои тие ви ги поставуваат, не бегајте без потреба од темата и најважно од сè бидете колку што е можно поскромни.
3. Заборавање да истражите нешто повеќе за организацијата каде што ќе се одржи вашето интервју
Кога аплицирате за одредена позиција, најдете време да истражите нешто повеќе за таа организација или компанија. Посетете го нивниот веб-сајт и откријте како оваа компанија започнала, кои се основачите, кои се нејзините цели…, а потоа извежбајте ги и вашите одговори на прашањата од типот како вие би се вклопиле во нивната организација. Обидете се да запомните што е можно повеќе информации за компанијата бидејќи тоа знаење може да ви донесе многу позитивни бодови. Доколку на интервјуто ве забележат дека не сте биле заинтересирани за нивната компанија, големи се шансите дека и тие нема да бидат заинтересирани за вас.
4. Критикување или несогласувањето со брендот или културата
Брендот и културата најчесто одат рака под рака. Кога сте на интервју за работа, клучно е да разберете дека една млада личност која тукушто дипломирала не е во позиција да предложува какви било промени во организацијата од која сè уште не е ни дел. Таа била воспоставена на одреден бренд, концепт, филозофија и култура – нешта со кои основачите ја изградиле од дното. Токму затоа вие треба да го почитувате тоа и не заборавајте дека какви било критики во однос на нивната досегашна работа можат да завршат само со негативен исход од интервјуто.
5. Кажувањето различни приказни за себе
Верувајте, сите разговараат помеѓу себе. За време на процесот на интервјуата вие ќе се запознаете со 3 до 15 луѓе пред одлуката конечно да биде донесена. Комплексноста на самиот процес е клучна при наоѓањето на најсоодветниот нов член. Токму затоа вие би можеле да западнете во огромна неволја доколку секогаш ја менувате приказната за себе. Ова кажува нешто лошо за стабилноста на вашиот карактер и интегритет и укажува на фактот дека можеби вие не се познавате доволно себеси. Зарем тие би можеле вистински да запознаат личност која ни самата не се познава? Одговорот е не. И токму затоа би ја изгубиле шансата за оваа работна позиција.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.