5 детски работи кои не треба да престанете да ги правите
Од некои лоши навики треба веднаш да се ослободите, а некои несигурности да ги надминете со самодоверба на возрасна личност. Но, некои детски работи, реакции и однесувања, секогаш ви се потребни – дури и кога ќе пораснете. Голема вештина и талент e да го гледате светот со детски очи.
1. Радосно исчекување
Се сеќавате ли на она чувство кога навечер ќе легневте да спиете и едвај чекавте да помине тоа спиење за да дојде денот, кој ќе ви донесе многу радост, уживање и авантури? Кога ќе пораснеме, често лежиме преморени и не можеме веднаш да заспиеме, бидејќи во главата ги набројуваме сите обврски кои нè чекаат утрешниот ден, запрашувајќи се дали ќе можеме да ги завршиме и како ќе го издржиме работниот ден, ако немаме доволно сон. Чувството на должност и грижа можат потполно да го згаснат авантуризмот во нас и целата желба да им излеземе на предизвиците во пресрет.
Брзајќи низ должностите и обврските, пропуштаме да ги забележиме и цениме оние весели моменти, кои со сигурност ги има секојдневно. Возрасни сме, но затоа сме и во состојба да ги користиме нашата свест, намера и волја, а еден од начините е секоја вечер кога ќе си легнеме, да се повикуваме на тоа чувство на радосно исчекување и да помислиме кои убавини нè чекаат во текот на утрешниот ден.
2. Спонтано изразување на чувствата
Среќните и задоволни возрасни личности не се цинични, како што не се ни децата. Не се бранат од чувствата. Отвореноста за солзи, смеа и прегратки ни помагаат да не паднеме во осаменост, бес и чувство на лишеност и пораз. Богатството на чувствата се чува со раскошно трошење на истите.
3. Љубопитност
Како работи ова? Што значи тоа? Како да го направам ова? Детскиот ум е како сунѓер, кој впива и усвојува, а таков треба и да остане. Секогаш има нешто што треба да го откриеме, сознаеме или научиме, секогаш постојат предизвици кои треба да ги пробаме. Мудроста не се крие во големото знаење и искуство, туку во свеста за тоа колку знаењето и искуството се ограничени.
4. Чудење и восхитување
Работите не мора да бидат нови за да им се чудиме и восхитуваме. Моќните сили на природата живеат низ сите појави и облици на живот, само треба да бидеме отворени за впечатоци. Сонцето заоѓа денес, како и вчера и сите претходни денови, но таа слика не е поради тоа помалку прекрасна и величествена – токму спротивното.
5. Што ќе бидам кога ќе пораснам?
Секој ден може по малку да растеме. И уште малку да се приближуваме кон нашите соништа. И кога сме сосема задоволни со својот живот и се чувствуваме исполнето, не треба да престанеме да растеме и да фантазираме за тоа што сè може да бидеме.