5 атрактивни модни парчиња кои додаваат некој килограм повеќе
Колку и да сакате да ги следите модните трендови и да носите атрактивни парчиња, секогаш треба да се водите од тоа дека најдобро е да ја избирате облеката која одговара на вашата фигура. Со правилно избраната облека ќе постигнете прикривање на проблематичните делови од телото, но и визуелно истакнување на предностите кои ги имате. Затоа, треба да ги избегнувате овие парчиња:
1. Проѕирна и мрежеста облека
Поради проѕирноста, ваквите парчиња ќе ви ги откријат најпроблематичните делови, а нема да скријат ништо. За да избегнете додавање на килограми плус, комбинирајте проѕирни и мрежести кошули и наметки врз еднобојни фустани или маички.
2. Широка облека
Колку и да се во тренд „оверсајз“ парчињата, имајте на ум дека не смеете да претерувате со овие комбинации. Никако не облекувајте широки маички со широки панталони, односно доколку сакате да носите широка блуза, одберете тесни или „цевка“ фармерки. Исто така, со широки панталони или макси здолништа, најдобро е да се носат струкирани кошули или маички.
3. Впечатливи дезени
Секоја модна сезона има свој заштитен дезен или принт, но тоа не значи дека треба да го носите по секоја цена. Многу подобро е наместо фустан или панталони со впечатлив принт, да носите еднобојни комбинации, а дезените да ги вметнете во модните додатоци како марами, чанти или чевли.
4. Изрези околу струкот и грбот
На девојките кои имаат облик на телото како песочен часовник, но и затегнати стомачни мускули, одлично им стојат фустани со длабок изрез на грбот или исечени парчиња од ткаенината околу стомакот. Но, кај оние со вишок килограми, ваквите модели само повеќе ќе ги истакнат недостатоците. Одберете фустан со ракави, но со голи раменици, кој го открива само горниот дел од грбот.
5. Силни и интензивни бои
Доколку имате некој килограм вишок, избегнувајте ги еднобојните комбинации во жолта, дречлива портокалова, светло виолетова и жестоко црвена. Наместо тоа, изберете модни додатоци со овие бои, во комбинација со посмирени бои на облеката.
Прочитајте и како би изгледал нашиот секојдневен живот со облека од високата мода.