45 прашања што треба да си ги поставите за да го извлечете максимумот од себе
Дали мислите дека го користите целиот свој потенцијал? Дали го живеете животот со полни гради? Или пак не сте задоволни од начинот на кој живеете и сакате да промените нешто? Следниве 45 прашања ќе ви помогнат да откриете дали го живеете животот што отсекогаш сте го посакувале и како да го извлечете максимумот од себе…
1. Зошто ги консумирам медиумите што ги консумирам? (филмови, музика, вести, списанија и слично)
2. Дали работите што ги сакам навистина ми се допаѓаат или пак општеството ме условило да ми се допаднат? Ако општеството е заслужно за тоа, кој ме научил на тоа? Дали тоа било нивна цел или агенда?
3. Зошто го сакам тоа што го сакам? (Објаснете си го ова и оправдајте го со аргументи, без разлика дали станува збор за предмет или човек)
4. Кои работи најмногу ме нервираат кај луѓето? (На пример, луѓе кои слепо ги следат трендовите, лажни обожаватели на бендови, девојки кои носат премногу шминка)
5. Зошто го мразам она што го мразам? Кој ме научил да ги мразам овие работи или луѓе?
6. Кои 5 негативни придавки би ги искористил/а за да се опишам себеси?
7. Кои 5 позитивни придавки би ги искористил/а за да се опишам себеси?
8. Дали мислам дека овие придавки се суштински карактеристики на мојата личност?
9. Дали следам трендови? Зошто?
10. Што мислам за луѓето кои следат трендови и за оние кои не следат?
11. Дали се гледам себеси онака како што ме гледаат другите? Дали сум загрижен/а дека другите луѓе можеби имаат погрешно мислење за мене?
12. Ако да, зошто ми е важно нивното мислење или одобрување? Дали можам некако да го сменам ваквиот начин на размислување?
13. Кое е моето најрано сеќавање за мојот најголем страв?
14. Од каде потекнува овој страв? Дали сум ја добил/а оваа особина од мајка ми, татко ми, пријатели или животна ситуација? Ако стравот потекнува од друг човек, како дошло тоа до него? Дали нивните избори од минатото можат да ми помогнат да дознам повеќе за мојата моментална состојба?
15. Во што верувам од верски и религиозен аспект? (Во Господ, Исус, Алах, астрологија, во никого и слично)
16. Секако дека не сум се родил/а со таквите верувања. Од каде потекнуваат тие?
17. Што кажуваат моите политички убедувања за мене како личност?
18. Што кажуваат политичките убедувања на луѓето кои размислуваат поразлично од мене?
19. Зошто ги искористив тие описи за да се опишам себеси и другите во претходните 2 прашања?
20. Дали некогаш сум ги проектирал/а моите сопствени чувства или несигурности на други луѓе? (На пример, чувство на одбивност кон човек кој не ви направил ништо лошо)
21. Ако размислам за сите луѓе со кои сум имал/а емоционални конфликти (родител, насилник, партнер), што имам заедничко со нив? Што ме прави поразличен/а од нив?
22. Дали постои конкретен настан од мојот живот што ме има сменето драстично? Дали можам да наведам барем 3 такви настани? Како точно ме промениле овие настани?
23. Што ми е најзначајно во животот и зошто го вреднувам тоа толку?
24. Дали постои нешто во мојот живот кое сум го одложувал/а или сум одбегнувал/а да мислам на него?
25. Ако се обидам да ги откријам најболните и најсрамните сеќавања што намерно сум ги закопал/а и заборавил/а, на што ќе се сетам? Зошто воопшто сум ги криел/а? Зошто продолжувам да ги потиснувам? Дали можам да престанам да ги потиснувам и да ги надминам или полесно ми е да ги чувам скриени во мојата глава?
26. Кога ќе се сетам на нешто од минатото што ме изнервирало или вознемирило (некој проект, конфликт или однос), дали сум извлекол/ла некаква корист од целата ситуација? Како влијаеле крајните резултати на мојот сегашен живот?
27. Што ме мотивираше да кликнам на оваа објава и да ја прочитам? Дали тоа се должеше на мојот инстинкт, досада, љубопитност, нарцизам или нешто друго?
28. Дали потребата од тоа да бидам подобар/а, попаметен/а, попривлечен/а и поуспешен/а прави да се чувствувам лошо во врска со себе?
29. Што ме тера да мислам дека не сум доволно добар/а? Дали станува збор за внатрешно чувство или идејата доаѓа од начинот на кој се однесуваат другите со мене?
30. Дали обично реагирам импулсивно и потоа зажалувам поради моите постапки?
31. Кога ќе се сетам на злобните работи што сум ги направил/а или кажала на други луѓе (пријател, непријател, позната личност), без разлика дали сум се шегувал/а или навистина сум го мислел/а тоа, која била причината за моето однесување? Дали навистина сум имал/а намера да го направам или кажам тоа?
32. Која е мојата прва реакција или мисла секогаш кога ќе се налутам и вознемирам?
33. Кога сум лут/а или лошо расположен/а, на кого се истурам најчесто?
34. Каква е мојата смисла за хумор? Кои работи или шеги ми се смешни? (Наведете најмалку 5 примера) Зошто ми се смешни овие 5 работи?
35. Колку ми е важно да најдам партнер? Дали би бил/а исто толку среќен/а кога не би имал/а партнер? Зошто?
36. Кога ќе се сетам на сите луѓе во кои некогаш сум се вљубил/а, ми биле симпатии или привлечни, кои се нивните заеднички физички и карактерни особини? Што ми кажале дека им се допаѓа и не им се допаѓа кај мене?
37. Дали имало момент кога сум почувствувал/а дека нешто ме спречува да го покажам вистинското „јас“? Зошто сум се чувствувал/а така? Каква е ситуацијата сега?
38. Што треба да направам за да добијам чувство дека можам да бидам она што навистина сум?
39. Дали има луѓе во мојот живот кои постојано ме повредуваат и разочаруваат намерно? Зошто тие се сѐ уште дел од мојот живот? Што би се случило кога би ги отстранил/а од животот? Што добивам со тоа што ги чувам покрај себе?
40. Кој е најголемиот злочин што сум си го направил/а самиот/самата на себе? Дали сум го поправил/а тоа на некој начин?
41. Кој е најголемиот злочин што сум го сторил/а некому? Дали сум го поправил/а тоа на некој начин?
42. Дали постапувам спротивно од мојата дефиниција за достоинство и добар човек?
43. Дали ја запоставувам сопствената благосостојба иако знам дека правам нешто што е нездраво и лошо за мене? На кој начин го правам тоа?
44. Кога луѓето би ме сакале онака како што се сакам себеси, дали би биле среќни?
45. Како би се чувствувал/а кога обичните работници (хигиеничари, возачи во автобус, келнери, касиерки, работници на пат и слично) и припадниците од ниската општествена класа (бездомниците, зависниците, проститутките и слично) би се однесувале со мене онака како што јас се однесувам со нив?
Ако ги дадовите вашите одговори, погледнете ги и овие проникливи прашања кои имаат моќ да ве поттикнат на промена.